Со шестиот пакет санкции дополнително се ограничува и извозот на стока и технологија, вклучувајќи и технологија која може да го унапреди одбранбениот и безбедносниот сектор на Русија или може да се користи за производство на хемиско оружје
Советот на ЕУ денеска го усвои шестиот пакет економски и индивидуални санкции против Русија и Белорусија кои опфаќаат забрана за купување, увоз или трансфер на сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ.
Пакетот санкции предвидува и забрана за трансакции со најголемата руска банка Сбербанк, како и уште три банки, забрана за емитување во ЕУ на уште три руски национални канали, а проширена е и листата на санкционирани личности кои ЕУ ги смета за одговори за злосторствата во Украина.
„Со денешниот пакет економски санкции дополнително ја ограничуваме способноста на Кремљ да ја финансира војната. Забрануваме увоз на руска нафта во ЕУ и со тоа намалуваме огромен извор на приходи за Русија. Повеќе клучни руски банки ги исклучуваме од меѓународниот платен систем на СВИФТ, ги санкционираме оние што се одговорни за злосторствата во Буча и Мариупол и забрануваме повеќе актери во ширењето дезинформации, кои активно придонесуваат за воената пропаганда на претседателот Путин“,
изјави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
Со новиот пакет санкции ЕУ започна со постепено укинување на увозот на руска нафта во период од шест месеци за сурова нафта и до осум месеци за останатите рафинирани нафтени деривати.
Од Советот на ЕУ додаваат и дека привремениот исклучок е предвиден за увоз на сурова нафта преку нафтоводот во земјите членки на ЕУ кои поради својата географска ситуација имаат „специфична зависност“ од руските извори и немаат одржливи алтернативни опции.
Бугарија и Хрватска исто така ќе имаат и корист од привремените исклучоци во врска со увозот на руска сурова нафта.
„ЕУ ги проширува и актуелните забрани за специјализирани услуги за размена на финансиски пораки на три дополнителни руски кредитни институции – најголемата руска банка Сбербанк, Кредитната банка од Москва и Руската економска банка, како и Белоруската банка за развој и реконструкција“,
се вели во соопштението на Советот на ЕУ.
Со шестиот пакет санкции дополнително се ограничува и извозот на стока и технологија, вклучувајќи и технологија која може да го унапреди одбранбениот и безбедносниот сектор на Русија или може да се користи за производство на хемиско оружје.
ЕУ забрани и нудење консултантски услуги на Русија, вклучувајќи и сметководство и односи со јавност.
Моменталната листа на санкционирани личности дополнително е проширена со „лица кои ја поддржуваат војната, клучни бизнис-личности, членови на семејства на олигарси и функционери на Кремљ“.
Шестиот пакет санкции ќе стапи во сила во текот на денот.