Освен натпросечно високите температури проследени со топло и сушно време, УХМР за потпросечна, пак, ја прогнозира количината на врнежи која ќе ја имаме ова лето во земјава, а најголемо негативно отстапување на врнежите за оваа сезона се очекува во август
Голема е веројатноста дека претстојното лето во земјава ќе го одбележат натпросечни температури, а такво време се очекува во целиот југоисточен регион на Европа, покажуваат прогностичките материјали на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Освен натпросечно високите температури, УХМР за потпросечна, пак, ја прогнозира количината на врнежи кои ќе ги имаме ова лето во земјава, а најголемо негативно отстапување на врнежите за оваа сезона се очекува во август. Во планинските делови, пак, постои веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи.
Во претстојната летна сезона, од УХМР велат дека постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори.
Многугодишниот просек во период од 1981 до 2010 година, за температурите на воздухот во летната сезона се движеле од 16°C во планинските предели до 25.3°C измерени во Гевгелија. Врнежите во овој период се во границите од 23.9 милиметри измерени на метеоролошката станица во Штип и до 96,7 mm во Маврово.
За температурата на воздухот во истиот период, во Скопје за јуни, јули и август температурите се движеле 21.9°C, 24.2° и 23.9°C. Просечната количина на врнежи во Скопје, пак, од 1981 до 2010 година за јуни, јули и август изнесува 44.0 мм, 37.6 мм и 34.4 мм.