Силно невреме проследено со силни дожнови и грмотевици вечерва ја зафати Струмица, а дождот ги поплави улиците ширум градот, пренесуваат локалните медиуми.
На социјалните мрежи се појавија видеа на кои може да се забележи голема количина на вода по улиците во градот.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, вечерва на социјалните мрежи објави дека по второто невреме, било зголемено нивото на вода за околу 25 сантиметри само на дел од улицата „Младинска“, која е една од пониските коти во градот.
Тој го изрази и своето незадоволство од „херојски партиски ставови на социјалните мрежи“ поврзани со невремето, истакнувајќи дека тој е градоначалник за сите.
„Сите екипи се на терен и Комуналец и ТППЕ Струмица и општинската администрација и советниците и излегуваме во пресрет. Јас сум толерантен и трпелив човек, но запрепастен сум од фејсбук хероите кои кројат дневно партиски ставови триејки раце од невремето. Мене не ме интересира чиј подрум е поплавен, мене не ме интересира која партија се луѓето кои се поплавени, јас не се радувам со невремето, јас сум градоначалник и нивни но и ваш кои се ситите на несреќата на луѓето. И вас ќе ве разберам и ќе ви простам ама нека ви е срам и арам за се што правите. Заедно со мојот тим како и сите други проблеми, во сите овие кризи излегуваме и ќе излегуваме во пресрет на сите и на неопределените и на партиски определените. Прости ми Струмицо што два дена едно по друго не зафати невреме…“,
напиша Костадинов на Фејсбук.