Дел од делегацијата е и министерката за одбрана Славјанка Петровска, која порача дека преку со одржувањето на Стратешкиот дијалог Северна Македонија и САД влегуваат во нова фаза на меѓусебните релации
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој е во посета на Јапонија, од Токио ќе отпатува директно за Вашингтон каде ќе почне Стратешкиот дијалог со САД.
Османи ќе ја предводи делегацијата на Северна Македонија, а во агендата се ставени многубројни билатерални средби.
„Во агендата има и многубројни билатерални средби со високи државни претставници на САД, како и истакнати личности од граѓанскиот сектор и тинк-тенк организации. Фокусот ќе биде на продлабочување на билатералните односи и креирање нови патишта за идна соработка. Северна Македонија ќе има приоритетна позиција во американската администрација“,
најави министерот.
Во САД веќе е и министерката за одбрана Славјанка Петровска, која заедно со министрите за економија и за култура, Крешник Бектеши и Бисера Костадиновска-Стојчевска, е дел од нашата делегација.
„Преку одржувањето на Стратешкиот дијалог, Северна Македонија и САД влегуваат во нова фаза во изградба на меѓусебните релации, што е особено значајно не само за земјата, туку и за целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни закани. Воедно, тоа е и израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот“,
порача Петровска.
Во нејзината агенда, како што најави, се повеќе средби во Пентагон, како и во Стејт департментот и Белата куќа.
