Рано утрово повторно се регистрирани инциденти на грчко – турската граница кај Еврос. Грчките медиуми пренесуваат дека од турската страна бил фрлен солзавец на грчка територија, а притоа група мигранти се обидела нелегално да влезат во Грција, пренесе МИА од Атина.
Денешните инциденти се продолжение на тензиите од вчера кои продолжија до доцна во ноќта, кога, според грчката телевизија „Скај“, околу 600 лица фрлиле солзавци од турска на грчка страна и се обиделе да ја пробијат железната ограда за да влезат во Грција.
Грчките медиуми објавија дека мигрантите по должината на оградата, на турска територија запалиле оган на неколку различни места.
Тензиите кај Еврос, на границата меѓу Грција и Турција, траат веќе една седмица, а од минатата сабота, биле спречени над 38 000 обиди за нелегален влез на грчка територија и уапсени над 250 лица.
Турските власти од безбедносни причини забранија мигрантите и бегалците да заминуваат за Грција преку море.