Тројца членови на кралското семејство во Саудиска Арабија се уапсени, а причината сè уште не е позната, јавува Би-Би-Си.
Двајца од уапсените важеа за едни од највлијателните во кралството. Според одредени медиуми, тие се уапсени вчера под обвинение за државен удар.
Како што пренесуваат медиумите, познато е дека меѓу уапсените се помалиот брат на Салман, Ахмед бин Абдулазиз, како и кралскиот внук, Мухамед бин Најеф и неговиот син, Науф бин Најеф.
Мухамед бин Најеф беше министер за внатрешни работи до 2017 година кога е уапсен и е ставен во куќен притвор, додека принцот Ахмед бин Абдулазиз, е еден од последните синови на основачот на државата, крал Абдулазиз.
Престолонаследникот Мухамед бин Салман, син на кралот Салман, во државниот удар во 2017 година го собори својот роднина Мухамед бин Најеф, а подоцна уапси неколку членови на кралското семејство во антикорупциската кампања.
Уапсениот принц Ахмед е познат по тоа што ги критикува саудиските власти додека е во странство и како еден од тројцата членови на Советот, кој беше против пренесувањето на власта на принцот Мухамед во 2017 година.
Тој и Мухамед бин Најеф се уапсени во своите домови и се обвинети за предавство.
Мухамед бин Салман пред три години на глобалната сцена се појави со неговите амбициозни најави дека ќе направи драстичен пресврт во неговата земја со фокус на економска модернизација, општествена либерализација и оддалечување од исламскиот фундаментализам. Тогаш разбуди надеж дека Саудиска Арабија под негово водство би можела навистина да сврти нов лист во очите на меѓународната заедница.
Подоцна се случи и свирепото убиство на новинарот Џамал Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Турција, а токму Салман беше посочуван како нарачател.