Бугарија има национален интерес да биде опкружена со сојузници и во никој случај нашите партнери од РС Македонија не помагаат, изјави Атанас Атанасов од „Демократска Бугарија“ на влегување на состанокот
Новиот Коалициски совет во Бугарија го започна состанокот вечерва. Владејачката коалиција заседава по барање на премиерот Кирил Петков, кој го повика и претседателот Румен Радев да свика Консултативниот совет за национална безбедност во врска со прашањето за Република Северна Македонија во контекст на веттото на почетокот на преговорите со ЕУ.
Како што објавија бугарските медиуми на влезот во Советот на министри изјави дадоа Станислав Балабанов од „Има таков народ“ и Атанас Атанасов од „Демократска Бугарија“.
Балабанов како што пренесе БГНЕС бил дециден дека РСМ треба да го исполни договорот и со големи букви да напишат дека Бугарите се народ со еднакви права, а не малцинство.
Според пратеникот, нема потреба да се свикува нов Советот за национална безбедност на оваа тема, додавајќи дека има јасен став од страна на сите политички партии.
Атанас Атанасов, копретседател на „Демократска Бугарија“ изјави дека во моментов нема услови за укинување на ветото за почеток на преговорите на РС Македонија за членство во Европската унија.
„За жал, во моментов нема услови за укинување на ветото. Бугарија има национален интерес да биде опкружена со сојузници и во никој случај нашите партнери од РС Македонија не помагаат. Не знам што ново ќе дознаам“,
додаде Атанасов пред состанокот.
Тој рече дека во моментов не е оптимист на оваа тема.
Претходно претседателот Румен Радев исто така рече дека почетокот на преговорите да не се врзува со рокови, туку со резултати, особено во однос на правата на Бугарите во РСМ и очекува Коалицискиот совет вечерва да ги следи одлуките што ги донесе Консултативниот совет за национална безбедност во јануари во однос на Северна Македонија.
На барање на бугарскиот премиер Кирил Петков, коалициските партнери во бугарската влада вечерва ќе одржат вонреден совет, чија главна тема се односите со Северна Македонија.
Се очекува Петков да им објасни на своите партнери зошто од претседателот на Бугарија, Румен Радев, побара да го свика Советот за национална безбедност и да го претстави досега постигнатото во дијалогот со Скопје. За време на посетата на Рим и Ватикан на 24 мај, Петков најави оти ќе свика состанок на коалицискиот совет.