Покрај за европските интеграција, грчкиот шеф на дипломатијата со Ковачевски разговарал и за билатералните односи помеѓу двете земји, при што зборувале и за Преспанскиот договор

Посетата на земјава, грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, ја продолжи со средба и со премиерот Димитар Ковачевски, на кого, исто како и на министерот Бујар Османи, му ја изразил поддршката од Грција за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
„За време на разговорот беа потенцирани заложбите на Грција за целосен ангажман и активна поддршка на Северна Македонија во европската интеграција при што беше потенцирано дека Атина ќе продолжи со ангажманот за усвојувањето на преговарачката рамка и за формалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ“,
соопштија од Владата.
Претходно, Дендиас и на заедничка прес-конференција порача дека земјава заедно со Албанија веднаш треба да ги почнат преговорите.
Покрај за европските интеграција, грчкиот шеф на дипломатијата со Ковачевски разговарал и за билатералните односи помеѓу двете земји, при што зборувале и за Преспанскиот договор.
„На средбата беше истакнато дека Владата на Северна Македонија е фокусирана на зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји со силна посветеност за исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа и изразената подготвеност за целосно спроведување на Акцискиот план за интензивирање и збогатување на соработката помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија“,
велат од Владата.
Соговорниците размениле информации и за текот на подготовките на вториот состанок на Советот за соработка на владите на високо ниво, но и за подготовките на првиот состанок на Комитетот за деловен дијалог што исто така треба да се одржи годинава.

„Од овој состанок, на кој треба да учествуваат претставници на стопанските комори на двете земји и раководните менаџери на повеќе компании, се очекува натамошно унапредување на економските односи меѓу Северна Македонија и Грција која е четврта земја по вредноста на трговската размена која од година во година бележи постојан раст“,
додаваат од владината прес-служба.