Во реакција за обраќањето на премиерот, од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека малку кој веруваше дека ќе имаме двоцифрена инфлација, а вредноста на 30 000 денари сега и пред една година не е иста.
Владата предводена од СДСМ го реализираше едно од најважните ветувања дадено пред граѓаните уште во 2017, просечна плата од над 30 000 денари, вели премиерот Димитар Ковачевски во видео-обраќање до јавноста по повод најновите статистики за растот на просечната плата.
„Покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која останавме доследни. И покрај сите опструкции од опозицијата и блокирани закони за раст на платите, платите во континуитет растат. Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30 000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев, но со доследни политики успеавме да го реализираме“,
вели Ковачевски.
Со покачување на платите, вели премиерот во видео-обраќањето, се штитиме од растот на цените. Исто така, тој предупредува и дека пред нас е тешка зима.
„Пред нас е тешка зима во која ќе ги вложиме сите сили да ги намалиме ценовните шокови. Сакам да ве уверам, дека Владата е целосно посветена и подготвена за сè што претстои. Ќе работиме максимално одговорно, посветено и ефикасно во интерес на граѓаните. За крај, изразувам благодарност на сите членови на Владата во овој и минатиот мандат кои доследно и посветено работеа на остварување на ова ветување. Докажавме дека ветувањата ги исполнуваме и од зацртаните цели не отстапуваме“,
завршува Ковачевски.
Видео-пораката од премиерот до јавноста следува откако во петокот Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека во март годинава просечната плата била 31 080 денари, што е за 10,1 отсто повеќе во споредба со март 2021 година.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција на обраќањето на Ковачевски порачуваат дека малку кој веруваше дека ќе имаме двоцифрена инфлација, а вредноста на 30 000 денари сега и пред една година не е иста.
„Малку кој веруваше дека за една година цените на основните животни потреби на граѓаните ќе се зголемат од 30 до 100 отсто. Цената на струјата е покачена за 30 отсто, цената на горивата е покачена за 80 отсто, цените на лебот и брашното се покачени за 100 отсто, шеќерот за 40 отсто, млекото за 50 отсто, маслото за јадење е двојно поскапо итн. Стандардот на граѓаните е уништен. Платите ја изгубија својата вредност. Прашањето кое треба да си го постават во владата е колкава вредност имаат 30 илјади денари сега, а колку имале пред една година. Ковачевски треба наместо со евтини пи-ар трикови и снимени обраќања, да се симне меѓу народот и да ја види растечката сиромаштија“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.