Премногу собира за овој период, сметам дека има толку многу информации што едноставно може да експлодира од нив. Ми има кажано само дел. Има време, млада е уште, и да остане пресудата како што е, ќе дојде ден кога ќе каже што и лежи на срце, вели синот на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева
Не знам дали Катица Јанева ги повредила одредбите за спогодување или друг обвинител, надлежен во тој случај. За тоа ќе видиме, коментира Лазар Јанев за случајот „Империја“ и спогодбата на бизнисменот Камчев

Парите од „Рекет“ ниту се докажаа дека се дадени, дека постојат, ниту сега се знае каде се, ниту кој ги дал и кому ги дал, вака за „А1он“ Лазар Јанев, адвокат и син на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева зборува за случајот во кој неговата мајка е осудена на седум години затвор, а Бојан Јовановски-Боки 13 на девет години.
„Јас сум и син на Катица Јанева, но и сум адвокат кој сега како самостоен, а претходно како вработен во канцеларијата на адвокатката Ирена Фрчкоска бев активно вклучен во целата постапка. Со ниту еден доказ во постапка, не се потврди каква било поврзаност на Катица Јанева со какви било финансиски средства кои потекнуваат од имотот или се дадени од Јордан Камчев. Тоа беше и во пресудата, во неа не постои каков било доказно, материјално и вербално поврзување на доказите со пресудата во поглед на Катица Јанева“,
вели Јанев во интервјуто за „А1он“.
На прашањето дали некогаш Катица Јанева му рекла дека се срами од тоа што се случи, Јанев вели дека нејзиниот коментар бил само „што ми требаше оваа работа, јас да дојдам во Скопје“.
„Тоа беше нејзиниот одговор. Мислам дека тој одговор го знаеше многу порано, кога беа одбивани предлозите за притвор, за замрзнување на имот, откако знаеше дека не може да се вработат одредени лица бидејќи Министерство за финансии не дава согласност за вработување, кога правеа претреси, а веќе самите лица кои беа мета или цел на тој претрес веќе беа информирани за тоа што и како ќе се случува“,
вели Јанев.
Тој зборува и за претресите кои беа направени во неговиот дом, по кој Јанева стана една од осомничените во истрагата за „Рекет“ и тврди дека целта била да се бараат прислушувани разговори, а не гарнитурата која беше запленета и за која се тврдеше дека е дел од „ќарот“ што го има таа во случајот.
„Кај нас не дојдоа да ја бараат гарнитурата ниту, пак, милиони, туку нешто друго. Кај нас се бараа прислушкувани разговори. Првата наредба за претрес јас ја прочитав и пишуваше УСБ стикови, хард-дискови. Имаше мала фонтана во дворот каде живееше мајка ми и во неа се бараше. Се бараа и во перална, секаде е бараа. Истата работа се случи и по 40 дена. Дојдоа, бараа прислушкувани разговори и еден од истражителите пред мене се јави, и претпоставувам дека зборуваше со Вилма Русковска кога кажа ’Ја најдовме, тука е‘, мислеше на гарнитурата која беше ишарана од нашата внука. Ние ни на крај памет не помисливме на таква работа“,
зборува Јанев во интервјуто.
Тој вели и дека неговата мајка има што да каже и дека тоа ќе го направи еден ден.
„Премногу собира за овој период, сметам дека има толку многу информации што едноставно може да експлодира од нив. Ми има кажано само дел. Има време, млада е уште, и да остане пресудата како што е, ќе дојде ден кога ќе каже што и лежи на срце“,
вели нејзиниот син и адвокат.
Тој коментира и за предметот „Империја“, кој беше токму причината поради која беше отворена истрагата за Јанева и во случајот „Рекет“ се тврдеше дека за да му биле олеснета положбата биле барани пари од бизнисменот Јордан Камчев кој, инаку, минатиот месец призна вина и се спогоди со обвинителството за што доби една година затвор и уплати 5,2 милиони евра во државниот буџет.
„Не знам дали Катица Јанева ги повредила одредбите за спогодување или друг обвинител, надлежен во тој случај. За тоа ќе видиме“,
коментира Јанев.
Целото интервју можете да го погледнете ТУКА.