Во Министерството за правда договорени се барањата во делот на отпремнина, К-15 да биде 60 отсто од просечната плата и за венчавките кои се вршат во Управата да се наплаќа ако се во сабота
На Министерството за финансии му даваат рок до понеделник да се изјасни за колективниот договор. Доколку немаат позитивен одговор, најавуваат дека протестите ќе се преселат пред оваа институција
Сите недоразбирања меѓу вработените во Управата за водење матични книги и Министерството за правда се решени, но останува главниот проблем – финансиите и следните разговори што ќе се водат ќе бидат со ова Министерството, соопшти денеска претседателот Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристевски, по денешните разговори во Министерството за правда. Но, тоа не е доволно за да го прекинат штрајкот бидејќи останува нерешено главното барање за зголемување на платите поради што разговорите сега се насочуваат кон Министерството за финансии.

„Можеме да кажеме дека во оној дел што е во надлежност на Министерството за правда најдовме заеднички јазик за голем број барања – во делот на отпремнина, К-15 да биде 60 отсто од просечната плата, но во делот кај процентот на зголемување на платите останува 30 отсто. Затоа ние донесовме заклучок дека следните активности ќе ги насочиме кон Министерството за финансии зашто сега колективниот договор и се што беше денеска догорено ќе биде доставено до Финансии и очекуваме во најкраток рок да го разгледаат“,
рече Ристевски.
Доколку тоа не се случи, ќе ги повикаат сите синдикати и ќе го блокираат Министерството за финансии.
Претседателот на Независниот синдикат на Управата за матични книги, Тони Милошески, рече дека денешните разговори во Министерството за правда се иницирани од изјавата на министерот Тупанчевски дека само 20 до 25 отсто од вработените штрајкуваат, што според него не е вистина туку дека се работ за околу 70 отсто кои тоа го потврдиле со своите потписи.

Тој вели дека денешните разговори донеле напредок во многу нивни барања кои биле прифатени.
„Освен отпремнината и К-15 да биде 60 отсто од просечната плата на ниво на држава, го прифатија и барањето за венчавките кои се вршат во Управата да се наплаќа ако се в сабота. Од овој месец веќе никој во Управата нема плата под минималната од 18 000, но останува линераното усогласување на останатите плати“,
рече Милошески.
Тој рече дека штрајкот не прекинува и ќе биде како и досега.
„Ние им излегуваме пресрет на оние на кои документите им се итни. Има болни што треба да одат во странство да се лекуваат, претходно венчани, на кои им требаат документи, но 70 отсто од работата е стопирана. Во Скопје има поголем број граѓани што живеат, но во некои градови работата е целосно запрена“,
рече Милошески.
На Министерството за финансии му даваат рок до понеделник да се изјасни по колективниот договор. Доколку немаат позитивен одговор, најавуваат дека протестите ќе се преселат пред оваа институција.
Штрајкот на вработените на Управата за водење матични книги започна на крајот на април, а ќе продолжи, како што најавија, сè до исполнување на барањата за потпишување колективен договор, линеарно зголемување на платите за 30 отсто и подобрување на условите за работа.
Иако се во штрајк, вработените издаваат дел од документите кои се за потреби на граѓаните поврзани со странство, како за лекување, смртни случаи, раѓање и слично, а се склучуваат и бракови кои се закажани до 26 април.