Врховниот суд бара услови за поголема независност и е загрижен од тоа што може да се очекува од политичките партии во пресрет на изборите на 12 април 2020 година, па апелира да нема влијание врз работата во судството.
Со ваков заклучок завршила општата седница во Врховниот суд која се одржала во вторникот (3 март), а кој доаѓа откако двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ организираа марш, односно протест за правда.

„Анализирајќи ги последните настани организирани од страна на политичките партии, општата седница укажува на потребата од обезбедување услови за независно и непристрасно постапување на судовите во согласност со законот и другите релевантни акти, притоа отфрлувајќи секаков вид надворешно влијание врз правораздавањето. Општата седница искажува загриженост од таквите и слични, евентуални идни однесувања на политичките партии, особено во изборен период и за предизборни цели, притоа апелира на воздржаност и соодветно комуницирање, без да се загрози независното и самостојно постапување на судската власт и судиите“,
порачуваат од Врховен по одржаната седница.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, кој беше предводник на маршот организиран од социјалдемократите на 17 февруари, им порача на врховните судии јасно и гласно да кажат дали и кој им прави притисок.

*Поврзана вест: Заев до судиите и обвинителите: Ослободете се, граѓаните се желни за правда
Конкретно за маршот, тој рече дека тогаш само порачале дека законите се донесени, а на правосудните органи е да работат според нив, непристрасно и самостојно.
„Ние тоа го кажавме. Ако од некој има директни притисоци и закани, тоа нека го објави. Должност им е да го направат тоа. Треба да кажат кој прави притисок, како го прави тоа. Само така можат да се спасат од евентуални притисоци. Јас знам и претпоставувам во најмала рака како тоа се случува, но тие треба да кажат. Слобода е денеска, тие се правосудството на државата, а Врховниот суд? Па, ако тие се плашат, што да кажат другите граѓани? Нека кажат, слободно да зборуваат“,
изјави Заев.
За загриженоста и барањата од Врховен, прашавме за коментар и кај еден од портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ, но до моментот на објавување на овој текст не добивме одговор од партијата.
Опозицијата, пак, една недела по владејачката партија, на 25 февруари, организираше протест за правда кој започна пред просториите на Јавното обвинителство, а заврши кај комплексот судови во Скопје.

*Поврзана вест: Протест: Мицкоски побара истрага за Заев, ревизија на одлуките на Врховен и суспендирање на Советот за реформи во судството (ВИДЕО)
На овој протест, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати неколку барања меѓу кои покренување истрага за злоупотреба на службената должност од Зоран Заев, ревизија на одлуките донесени од Врховниот суд и одговорност ако се утврди неправилност и суспендирање на работата на Советот за реформи во правосудството, како и експертска помош за реформите.