Од денеска, на армискиот полигон Криволак, започнува најголемата воена вежба што досега се реализирала во земјава, насловена „Брз одговор 22“. Учествуваат околу 4 600 војници од осум држави – членки на НАТО: САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија, Грција и Северна Македонија,.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска на вчерашниот брифинг рече дека за ресорното министерство и за Армијата е голема чест што се домаќини на ваква вежба. Таа изрази убедување дека припадниците на македонската Армија и на МО ќе го покажат тоа што најдобро го знаат и умеат.
„Целта на оваа вежба има два аспекта. Тоа е подготвеноста на македонската Армија за вакви комплексни вежби што ги изведуваме заедно со сојузниците, при што се покажува нејзината подготвеност, нивото на операбилност, но и начинот на кој се соработува со армиите во рамки на НАТО. Второ, што е исто така значајно за нашата држава – ги покажува капацитетите и способностите на тренинг центарот Криволак“,
потенцира Петровска, додавајќи оти Криволак е сериозен тренинг центар, на кој сите членки на Алијансата ќе ги користат нејзините поволности.

На спортскиот аеродром Стенковец, пак, утре во период од 10 до 16 часот, се организира отворен ден за граѓаните, каде ќе бидат изложени сите воздухолови кои учествуваат во вежбата, а тоа се 45 најразлични воздухоплови, авиони и хелкоптери. Ќе бидат изложени воздухопловите на Армијата и МВР.
На 12 мај ќе биде отворениот Ден за високи гости.