Повеќе од 200 волонтери и еко-активисти од средни училишта при Град Скопје, јавни претпријатија, амбасади, членови на невладини организации и компании денеска масовно го чистеа Водно како дел од акцијата за собирање и селекција на отпад „Генералка викенд“ која освен во главниот град, годинава се одржува во вкупно 26 општини ширум земјава во периодот од 6 до 9 мај
Сите обединети за една идеја – да се собере отпадот од минатото и да се рециклира во зелена иднина, вака организаторите на акцијата го најавија и вториот дел од „Генералка викенд“ кој ќе се случи есенва, а предвидува за секој десетти килограм отпад кој ќе биде соберен сега, да се засади по едно дрвце
Сполотени со идеја и желба за почиста и здрава средина, ученици од средни училишта, активисти, волонтери, пензионери, вработени во општини и јавни претпријатија, компании и невладини организации од Скопје денеска учествуваа во најголемата еколошка акција во државава – „Генералка викенд“, која освен во главниот град, годинава се одржува во 26 општини низ целата земја.
Со жолти и сини кеси за селекција на отпад в раце, повеќе од 200 волонтери и еко-активисти од неколку средни училишта, Градот Скопје, Јавните градски претпријатија, „Пакомак“, „Пивара Скопје“, како и амбсадите на САД, Швајцарија, Велика Британија и Холандија денеска ги зазедоа падините на Водно, учествувајќи во најголемата национална „генералка“ чии главни иницијатори се еко-ентузијастите Гордана Софија и Ханес Јекл од организацијата „Мен енд Маунтин“.
Се чистеше цело Водно. Почнувајќи од пензионерската патека која води до Средно Водно, асфалтраниот пат на планината, пешачката шумска патека, паркинзите, просторот под телескопот. Посебна група на волонтери, пак, чистеше и еден километар на потегот кон Матка, потегот кон Горно Соње и околу крстот.
За чисто Водно без отпад, неопходно е да се подигне свесноста на граѓаните дека оваа природа е природниот штит на градот Скопје, порача и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска пред почетокот на денешната еко-чистка на Водно.
„Денешната акција е навистина посебна затоа што во неа се вклучуваат 100 волонтери од приватниот сектор и од организациите кои се активно вклучени во овој проект, но и 100 волонтери од Градот Скопје, од средните училишта на Град Скопје, од комуналното претпријатие и волонтери кои доаѓаат од општините Гази Баба и Кисела Вода кои преку своите Јавни претпријатија придонесуваат Водно да го исчистиме во интерес на сите граѓани“,
рече Арсовска пред почетокот на денешната акција за чистење на Водно.
Но, освен на Водно, денеска се чистеше во уште десетина општини низ цела Македонија кои се приклучија кон проектот, а отпад ќе се собира и утре и задутре. Годинава во проектот се вклучени вкупно 26 општини ширум земјава каде што ќе се собира и селектира отпад, што е двојно повеќе од општините кои земале учество во минатогодишната генералка.
„На вистинските херои на ‘Генералка викенд’ – 26 општини 26 градоначалници од сите партии, градинки, училишта, невладини организации, пензионери, активисти, вработени во комуналните претпријатија и Општини. Сите обединети за една идеја – да се собере отпадот од минатото и да се рециклира во зелена иднина. Вие сте моќта на промените, вие сте тие кои создаваат подобра иднина. До секој волонтер, до секој сончев пионер – вие дадовте и им давате надеж на сите во оваа земја. Ни ги исполнувате срцата со љубов и гордост. Вие сте Сончева, вие сте Земјата на Сонцето. А сега, да се извалкаме и да исчистиме“,
рече Гордана Софија од организацијата „Мен енд Маунтин“ пред почетокот на денешната чистка на Водно.
Идејата зад „Генералка викенд“ не е единствено да се исчисти отпадот од минатото, туку како што велат организаторите, да се рециклира во зелена иднина која треба да даде надеж и можности за идните генерации да останат во нашата земја.
Иницијативата која е предвидено да трае до 2031 година има двоен ефект и се одвива во две етапи односно во два различни периоди од годината. Првиот дел од проектот е напролет кога се собира и се селектира отпадот од паркови, планини, излетнички места, училишта низ општините ширум земјава. Втората етапа, пак, се случува наесен кога секој десетти килограм отпад кој бил собран во пролетната чистка, ќе се замени со едно засадено дрвце, чие садење е имплементирано во годишните програми за пошумување на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Денеска сакаме да им оддадеме признание и на Министерството за земјоделство кое работеше напорно последните две години за да ги имплементира резултатите од ‘Генералка викенд’ во нивните годишни планови за пошумување и покрај сите законски и практични пречки“,
рекоа организаторите на ‘Генералка викенд’, пред денешното чистење на Водно.
Локациите каде ќе бидат засадени новите дрвца како и нивниот вид, ќе бидат одредени во соработка со Министерството за земјоделство, Јавното претпријатие „Национални шуми“, Институтот за биологија и геологија при УКИМ како и граѓанските организации кои активно работат во оваа област.
Иако се одржува втора година по ред, идејата за „Генерален викенд“ минатата година добила голем одѕив кога во еко-акцијата се вклучиле околу 1 000 волонтери, а биле собрани повеќе од 100 000 килограми отпад.
Една година подоцна, идејата за „Генералка викенд“ прераснува во најголемата национална еко-акција во историјата на земјава, а според огранизаторите на настанот, и на територијата на цел Западен Балкан. На масовната акција за чистење и селекција на отпад што од 6 до 9 мај ќе се одржи ширум 26 општини низ земјава, се очекува да и се приклучат неколку илјади волонтери и ентузијасти за подобро утре.