Лидерот Дарко Димовски уште еднаш ги повтори барањата за линеарно покачување на платите од 2 806 денари за сите, од општи работници до претседателот на државата, и регрес за годишен одмор во јавниот сектор
Вицепремиерот Битиќи и министерката за труд и социјална политика Тренчевска потенцираа дека никој нема да заборави дека работникот е на прво место
Трпението нема крај, повеќе нема да чекаме – нашите барања да бидат разгледани и исполнети веднаш, порача Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од протестот пред Владата.

Од ССМ истакнаа дека товарот на кризата не смее да падне само врз работникот и дека повеќе нема време за чекање, зашто работникот е доведен до работ на егзистенција.

Владата, пак, вети заедничка борба со синдикалците за унапредување на работничките права и за повисоки плати.
„Имавме многу причини за организирање на денешниот протест. Со месеци наназад укажуваме на стагнирање на државата и на продлабочување на кризата. Оргомниот товар од кризата не смее да падне само на грбот на работникот. Со овој протест сакаме да укажеме дека во овие клучни моменти државата, Владата и работодавач не покажаа волја, што резултираше со замирање на социјалниот дијалог. Товарот на кризата мора да го понесат сите, а не само работниците кои се доведени до работ на издржливост. Така веќе не може, ви оставивме премногу време“,
рече потпретседателот на Синдикатот на градежници, Иван Пешевски.

Работниците, дополни, веќе нема да чекаат, а Владата треба веднаш да ги разгледа и усвои предложените синдикални барања.
„Нашиот глас е еднакво важен како и вашиот, го нудиме нашиот придонес, но и ги бараме нашите права. Не сме задоволни од вашиот игнорантски однос, запоставени сме, притиснати и животно загрозени од стагнацијата на државата, а вашето одбивање и незиатересираност за подадената рака на ССМ не натера на улица да ги браниме нашите права. Трпението нема крај, повеќе нема да чекаме, бевме цивилизирани и конструктивни, но не добивме ништо. Сега сте вие на потег, ги добивте нашите барања од кои не отстапуваме. Бараме веднаш овие наши права да бидат разгледани во Владата“,
порача Пешевски.
Лидерот Дарко Димовски уште еднаш ги повтори барањата за линеарно покачување на платите од 2 806 денари за сите, од општи работници до претседателот на државата, додавајќи дека не бараат процентуално зголемување на платите оти таквото покачување, како што рече, ќе значи за едниот работник помалку, а за другиот работник повеќе.
Нема да се откажат ниту од барањето за регрес во јавниот сектор затоа што, како што посочи, тоа право го уживаат работниците во приватниот сектор.

Пред Владата, покрај синдикалците, беа и вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
„Ветувам дека заедно ќе ја продожиме борбата за подобри работни услови, за унапредување на работничките права и за поголеми плати“,
рече таа, потенцирајќи дека трудот на работникот мора да се вреднува и дека работодавачите мора да ги почитуваат своите обврски.

Најави и засилени инспекциски контроли, како и казни доколку се утврди дека работодавачите не ја исплаќаат платата законски и на работниците им даваат под 18 000.

„Сите работодавачи кои не исплаќаат плата согласно законот или под 18 000 денари, ќе сносат санкции според Законот за работни односи. Државниот инспекторат за труд врши контроли посебно во текстилните фабрики каде, сведоци сме, дека последните денови се исплаќаат плати под 18 000 денари. Ќе следуваат инспекциски контроли и секој што не исплаќа ќе биде санкциониран“,
рече Тренчевска.
Според неа, тоа што беше ветено, е исполнето – недела ден за одмор, а оние кои поради природата на производниот процес работат, добиваат 50 отсто повеќе, додека оние во трговијата добиваат 100 отсто повисоки дневници, и минимална плата под 18 000 денари.
На крајот го најави новиот закон за работни односи во консултации со ССМ.
Вицепремиерот Битиќи пак, потенцира дека никој не треба да заборави дека работникот е на прво место, човечкиот капитал е пред се.

Битиќи од пред Владата, која беше и завршното место на протестот, подвлече дека унапредувањата на правата на работниците не се случува еднаш засекогаш.
„Треба да се зборува и за еднаквиот третман на мажите и жените на пазарот на трудот, за безбедноста при работа, како и за сите други права кои се забораваат, посебно за време на кризи“,
истакна Битиќи пред синдикалците.
По завршувањето на протестот, синдикални претставници заминаа на состанок во Владата.
Претходно Димовски говореше прес Стопанскаа комора каде им се обрати на работодавачите и ги поовика да прифатат линеарно зголемување на сите плати за 2 806 денари, што веќе се преговара со Владата, да се врати исплтата на К-15 и да ја повлечат претставката пред Уставниот суд за недела неработен ден. Во спротивно, најави радикализација и прерасување на протестот во штрајк.
Владата беше последната станица од денешниот синдикален протест на ССМ кој го организираа со барање за зголемување на платите под мотото „Се да застане за работникот да опстане“.