Министерката се заблагодарила на безрезервната американска поддршка за почеток на преговорите со ЕУ и порачала дека ни е потребен брз пробив, како и дека нашето членство во Унијата ќе биде уште еден гарант за мирот и стабилноста во регионот

Северна Македонија и САД се стратешки партнери и сојузници, а соработката ќе биде на уште повисоки ниво за што доказ е и стратешкиот дијалог кој треба да се одржи на почетокот на јуни во Вашингтон, порачаа денеска министерката за одбрана, Славјанка Петровска и помошник-државната секретарка на САД, Керен Донфрид на средбата што ја имаа во Министерството за одбрана (МО) во рамки на посетата на земјава на американската дипломатка.
На средбата, како што соопштија од МО, Петровска посочила дека САД ги поддржале реформите во развојот на Армијата, како и дека денеска земјава е во процес на набавка на нови и софистицирани оклопни транспортери од американско производство.
Покрај за меѓусебната соработка, тие зборува и за евроинтеграцијата на земјава за што министерката се заблагодарила на американската поддршка за старт на преговорите.

„Северна Македонија припаѓа на Европа и на Европската Унија. Потребен ни е брз пробив и почеток на пристапните преговори кои ги чекаме повеќе од една деценија. Членството во Унијата од денешна перспектива станува и безбедносно прашање од највисок приоритет и затоа одлука за почеток на преговорите ни треба сега“,
изјавила министерката според која нашето членство во Унијата ќе биде уште еден гарант за мирот и стабилноста во регионот, како што беше случај и со пристапувањето во НАТО.
Според соопштението од МО, Донфрид на средбата ја искажала безрезервната поддршка за отворање на пристапните преговори на земјава со ЕУ.
Тие зборувале и за состојбата во Украина, за што ја осудиле руската агресија и ги повториле јасните позиции на двете земји дека е потребна итна деескалација и прекин на огнот.

На состанокот со Донфрид во Министерството за одбрана присуствувале и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД, Кејт Брнз и заменикот – помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи, Габриел Ескобар.
