Тони Јосифовски, хирург вработен во болницата „Систина“, е првиот сведок кој денеска зборуваше во судницата за случајот „Рекет“. Тој рече дека работи во областа на абдоменалната хирургија, а во „Систина“ е веќе 20 години, каде што обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 му бил пациент.

Пред да почне со сведочењето, тој побара согласност од Боки дали може јавно да зборува за неговата состојба, а истото го праша и судијката Васка Николовска-Масевска. Боки рече дека се согласува и дека не сака јавноста да се исклучи.
Докторот одговараше само на неколку прашања на адвокатот на Боки 13, Сашко Дукоски, по што го прогласија за непријателски сведок и му поставуваа прашања на кои требаше да одговара со „да“ или „не“.
Јосифовски рече дека пред околу 2,5 години ја правел првата операција на Боки 13 за намалување на килажата, а втората била пред една година и неколку месеци и била естетска и дополнително за уште поголемо намалување на килограмите. Тој сподели дека Боки имал 135 килограми, а првичната желба му била да ја симне килажата на 70.
Тој одговараше кусо на останатите прашања каде и колку често се среќавале, не споменуваше детали, па набрзо Дукоски рече дека сака да го прогласи за непријателски сведок и да му поставува вкрстени прашања.
„Ќе се согласите ли со мене дека Зоран Милески-Кичеец и Орце Камчев инсистирале Катица Јанева да се оперира во ‘Систина’? И дали Камчев инсистирал Јанева да влезе преку спореден влез кога ќе дојде на операција за да не ја видат други?“,
беа дел од прашањата на Дукоски.
Докторот одговори со „не“ и на двете прашања.
„Ќе се согласите ли дека по втората операција на Бојан сте ги вршеле неопходните медицински интервенции во однос на преврски на раната итн?“,
прашуваше адвокатот, а докторот одговори потврдно, по што следуваа прашања дали дел од тие преврски се правеле и во домот на Камчев.
На ова Јосифовски не одговори кратко туку објаснуваше дека Боки не сакал да оди во болницата, но рече дека, како што се сеќава, можеби тоа било еднаш во куќата на Камчев, но преврски правел и во домот на Јовановски во Орман.

Бранителот праша и дали повеќе пати со Боки биле во домот на Камчеви.
„Да, но не сме доаѓале заедно. Многупати сме биле заедно таму. Разговорите на Боки со Камчеви не ги знам. Кога доаѓал тој, јас набргу сум си одел“,
рече Јосифовски.
Понатаму со низа прашања настапи Боки 13.
„Дали ќе се согласите со мене дека дојдовте кај мене дома и ми донесовте подарок торта?“,
беше едно од прашањата.
Докторот одговори потврдно, а Боки го потпраша дали бил со Ана Камчева.
„Не, тоа е ноторна лага“, рече сведокот.
Одбраната на Катица Јанева, пак, само кратко праша дали се извршила операција на тогашната обвинителка, а тој одговори со „не“.
Обвинителката Вилма Русковска, пак, неколкупати приговараше дека прашањата немаат врска со кривичните дела за кои се товари Јовановски.