Срамно е, порача премиерот обраќајќи се кон опозициската партија, што вие во вашите статут и грб се повикувате на континуитетот и на Тодор Александров и на Протогеров, за кого редовно пеете песни. Патем, додаде Ковачевски, нивниот ученик и соработник, токму Ванчо Михајлов, ги реализира нивните ликвидации, како што сложно тројцата претходно учествувале во ликвидациите на огромен број македонски левичарски револуционери
Мојот став е ист кога фигурата на Ванчо Михајлов беше поставена во музејот во Ново Село во Штип, со говор на вашиот почесен претседател, осудено лице за криминал и бегалец, Никола Груевски. Мојот негативен став за него е ист и кога неговата фигура беше ставена и во музејот во Скопје, како дел од криминалот на Груевски и вашата партија, вашите сопартијци во најголемиот криминален проект „Скопје 2014“.
Ова денеска го кажа премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања одговарајќи ѝ на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, зошто се дозволило отворање на клуб под името на Ванчо Михајлов.
„Не знам дали го имате на сликите во вашиот бел дворец. Но, знам дека токму ВМРО-ДПМНЕ од своите почетоци е наследник токму на Ванчо Михајлов. Тоа е срамно и недозволиво. Исто како што ваши членови беа на отворањето во Битола водени од градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ“,
истакна Ковачевски.
Срамно е, порача премиерот обраќајќи се кон опозициската партија, што вие во вашите статут и грб се повикувате на континуитетот и на Тодор Александров и на Протогеров, за кого редовно пеете песни. Патем, додаде Ковачевски, нивниот ученик и соработник, токму Ванчо Михајлов, ги реализира нивните ликвидации, како што сложно тројцата претходно учествувале во ликвидациите на огромен број македонски левичарски револуционери.
„Тој срамен лик бил водач на ВМРО во 20-тите години на минатиот век, а вие тоа го прифаќате и се гордеете со тој континуитет“,
додаде Ковачевски.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна оти дел од основачите на клубот Ванчо Михајлов во Битола се фотографирани со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека токму таа партија го слави ликот и делото на Михајлов, а не тој и неговата партија ниту, пак, како што рече, „најголем дел од нашите сограѓани“.
„По отворањето на центарот, за што веќе ви кажав дека не се согласувам, им дадов насоки на надлежните ресори, министри, да направат анализа зошто нема законска регулатива со која ќе се спречат вакви и слични имиња да бидат користени и најважно, да подготват законска основа за соодветно третирање на истите“,
рече Ковачевски
Меѓу другото, премиерот додаде дека како Влада имаат намера да отворат нов културен центар на Република Северна Македонија во бугарскиот град Благоевград за што, рече Ковачевски, планира директно да го информира неговиот бугарски колега, премиерот Кирил Петков.