Шаќири истакна дека од Самостојниот синдикат на вработените во образованието, науката и културата (СОНК) очекува одлука за враќање на наставата во основите и средните училишта од утре – одлука која попладнево треба да ја донесат Советот и членовите на СОНК
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска истакна оти за него е многу важно продолжување на наставата во сите основни и средни училишта во земјава и додаде оти за изгубената настава ќе се разгледаат сите можности заедно со Бирото за развој на образование и со наставниот кадар.
„За мене многу е важно утре да започне наставата во сите основни и средни училишта“,
истакна министерот.
Шаќири додаде дека од Самостојниот синдикат на вработените во образованието, науката и културата (СОНК) очекува одлука за враќање на наставата во основното и средното образование од утре – одлука која попладнево треба да ја донесат Советот и членовите на СОНК.
Министерот воедно дополни дека со планираниот колективен договор ќе има исплата на К-15 и ќе се разгледаат можностите за надомест на патните трошоци на сите што патуваат во подалечни подрачја.
Советот на СОНК попладне треба да донесе конечна одлука дали ќе го прифати 12-процентното покачување на платите во образовниот и секторот за детска заштита, со што би прекинал штрајкот во училиштата и градинките.
Претходно денеска, десетици членови на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) протестираа пред седиштето на Синдикатот откако по вчерашната средба на СОНК и Владата беше неофицијално соопштено оти штрајкот во училиштата и градинките од утре би бил прекинат доколку понудата за 12-процентно покачување на платите во образовниот и секторот за детска заштита биде прифатен од членството на Синдикатот.
Лидерот на СОНК, пак, Јаким Неделков, ги оквалификува како шпекулации информациите дека е потпишан договор со Владата и дека било поткупено раководството на синдикатот.