Група бегалци и мигранти на турската страна од затворената граница со Грција, со разни предмети ја нападнале грчката полиција во обид нелегално да влезат во земјата, објавија грчките медиуми. Од турската страна бил фрлен солзавец кон грчкиот дел од границата, пренесува МИА од Атина.
Според информациите во медиуми, инцидентите почнале нешто пред девет часот утрово, а грчката полиција на солзавецот од турска страна одговорила исто така со солзавец.

Во текот на вчерашниот ден ситуацијата на грчко–турската граница беше релативно мирна, најверојатно поради посетата на премиерот на Грција заедно со првите луѓе на европските институции.

„Грција нема да биде доведена под принуда од некој што сака да ги искористи несреќните луѓе за свои интереси. Границите на Грција се граници на Европа“, изјави Мицотакис алудирајќи на одлуката на Турција да ги отвори границите за мигрантите кои од 2015 г. се на нејзина територија, што предизвика голем притисок на грчката граница.
Вчера во посета на грчко-турската граница беа претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателка на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Во неделата Националниот совет за безбедност на Грција донесе одлука да го подигне нивото на обезбедување на државните граници и од тој момент во следниот еден месец нема да се примаат нови барања за азил.
Грчката влада се повика на членот 78 став 3 од Договорот за функционирање на ЕУ (ТФЕУ), кој се однесува на политиката на гранична контрола, азил и имиграција.
Завчера Грција и официјално ја доби помошта од Европската агенција и крајбрежна стража Фронтекс за брза интервенција на границата на нејзината морска граница во Егејското Море.
*Поврзана вест
Владата ќе бара од земјите соработнички да испратат повеќе полицајци на македонско-грчката граница