Двајца нови сведоци предложени од Бојан Јовановски-Боки 13 денеска треба да се сослушаат на рочиштето за случајот „Рекет“.
И на вчерашното рочиште сведочеа три лица предложени од Боки, меѓу кои и стилистот Сергеј Варошлија, кој зборуваше дека со оглед на тоа што обвинетиот бил „инфлуенсер“ добивал подароци од познати модни брендови за да ги рекламира. Зборуваше и дека од летото 2018 г. интензивно се дружеле со Зоран Милески-Кичеец, кој исто така беше обвинет, но призна вина и доби три години затвор.
Сведочеа и Марија Јанковска, сопственичка на продавница за оптика во Скопје и Алекс Кртов, сопственик на галерија. Јанковска рече дека патувала со Боки, а бидејќи бил познат, неретко му подарувала очила за да го рекламира нејзиниот бизнис. Во иста насока сведочеше и Кртов, кој рече дека во станот на Боки однел осум уметнички слики од домашни автори, кои потоа сакале да ги рекламираат на 1ТВ.
Преку ваквите искази, одбраната на Боки најверојатно алудираше на доказите на обвинителството дека биле запленети многубројни парчиња гардероба, очила и други модни додатоци, како и скапи уметнички слики. Од нив, на минатите рочишта се презентираа и фотографии, а обвинителството посочуваше дека преку нив го докажува делото перење пари.
На претходните рочишта сведочеше и адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која постапува во предметот „Империја“ каде што осомничен е Орце Камчев.
Адвокатот на Боки, Сашко Дукоски, вчера од листата на сведоци, пак, ги повлече предлозите да сведочат бизнисменот и ексградоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, синот на осомничениот бизнисмен во „Империја“, Цветан Панделевски, Дејан, и сопругот на пратеничката Фросина Ременски, Јовче.
Со тоа листата на сведоци на Боки се намали на 9 лица. Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, пак, има предложено 13 сведоци, меѓу кои се и најголем дел од обвинителите што работеа во СЈО.
Јовановски во случајот е обвинет за перење пари и за примање награда за противзаконито влијание, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања.