“СДСМ продолжува со политиката на покачување на платите и вреднувањето на работниците, но докажа дека на уцени и неразумни барања не подлегнува“, велат од СДСМ, додавајќи оти поради несоодветните уцени на СОНК, децата и учениците изгубија значајни две недели од наставата, која треба соодветно да се надомести
Се потврди дека само преку дијалог може да се дојде до решение, пишува во писменото соопштение од Социјалдемократскиот сојуз, откако по тричасовни преговори, вечерва Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Владата се договорија за зголемување на платите на вработените во училиштата и градинките за 12 отсто, со ребалансот на Буџетот.
„Поради несоодветни уцени и неразумна поставеност на раководството на СОНК, децата и учениците изгубија значајни две недели од наставата, која треба соодветно да се надомести бидејќи тие најмногу претрпеа штета од овој штрајк. СДСМ продолжува со политиката на покачување на платите и вреднувањето на работниците, но докажа дека на уцени и неразумни барања не подлегнува“,
стои во реакцијата од партијата.
Социјалниот дијалог, додаваат од СДСМ, е единствениот начин за постигнување на целите на синдикатите и доаѓање до взаемни прифатливи решенија.
Претходно денеска, по тричасовни преговори, Владата и СОНК дојдоа до заедничко прифатливо решение за зголемување на платите во образовниот и секторот за детска заштита за 12 отсто кои ќе се утврдат со ребалансот на Буџетот, а ќе почнат да се применуваат со јулската плата.
Според договорот на СОНК и Владата, од среда се очекува враќање на децата и учениците во градинките и училишните клупи.
