За време на средбата со министрите за економија и земјоделство, Бектеши и Николовски, директорот на фабриката за производство на масло за јадење „Кристал“, Горан Лазов, истакна дека цената на маслото за јадење се очекува да биде стабилна и да се движи во интервалот помеѓу 2,2 и 2,4 евра, односно помеѓу 136 и 148 денари, а како што додаде, максималната цена би достигнала до 2,5 евра, или 154 денари
Цената на маслото за јадење се очекува да биде помеѓу 2,2 евра (136 денари) и 2,4 евра (148 денари) или максимум 2,5 евра (154 денари), а оваа цена ќе се задржи особено по празниците.
Ова денеска го изјави Горан Лазов, генералниот директор на фабриката за производство на масло за јадење „Кристал“ во Велес, при денешната средба со министрите за економија и земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, пренесе МИА.
„Не очекувам поскапувања. По празникот цената ќе се стабилизира и маркетите ќе бидат полни со масло за јадење. Нема потреба граѓаните да прават резерви, ќе има доволно масло на пазарот“,
истакна Лазов по средбата со министрите и додаде дека цената на маслото во Бугарија е 180 денари, или шест лева, а во Грција околу четири евра, односно околу 250 денари.
Одговарајќи на новинарски прашања, директорот нагласи дека има и доволно суровина за производство на масло, а во континуитет се вршат набавки од Бугарија. Дополнително, изрази надеж дека на македонските земјоделски површини сончогледот повторно ќе се врати.
Претходно, министрите за економија и земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, уверија оти масло има, а има и суровина. Тие истакнаа дека снабдувањето со сончоглед е стабилно и дека државата во континуитет увезува сурово масло потребно за домашните капацитети, но има и масло за потрошувачка.
Според министерот Николовски, и очекувањата на менаџменот на „Кристал“ се дека годинава двојно ќе се зголемат површините под сончоглед, а со тоа и количините на суровина за масло за јадење. Тој повтори дека Владата вчера распиша оглас за доделување 5 722 хектари за одгледување стратегиски култури, меѓу кои и сончогледот.
Како што истакнаа Бектеши и Николовски по посетата на фабриката „Кристал“ во Велес, владините мерки даваат резултати.
„Почна увозот на рафинирано масло од соседите, но се увезува и од други држави, со оглед дека ја укинавме царинската стапка од 29 отсто“,
истакна Бектеши и додаде оти се работи и на дополнителни мерки за поголемо производство на сончоглед.
