Северна Македонија и Бугарија, вели премиерот, треба да продолжат на зајакнување на дијалогот и да работат за решавање на спорот, но порачува дека не смееме да дозволиме постојано враќање кон минатото и потези кои значат еднодневна политичка корист
Македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но провокации кои ги повредуваат нашите чувства како граѓани ја загрозуваат таа определба, вели премиерот Димитар Ковачевски во видеообраќање во кое ја коментира посетата на бугарската делегација во Битола за отворањето на клубот на Здружението Културен центар „Иван Михајлов“.
Република Северна Македонија, порачува Ковачевски, е суверена држава и имаме должност да го чуваме нашето достоинство. Имаме стратешка цел за влез во ЕУ, продолжува тој, но тоа треба да го направиме достоинствено со својата национална гордост и посебност.
Отворањето на овој клуб на здружението кое го носи името на контроверзната историска личност, Иван Михајлов, на кое присуствуваа бугарските политичари, премиерот го оценува како поттик за говор на омраза и недоверба.
„Од првиот ден на мојот мандат како премиер, реков дека не отстапувам од тоа разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија да се водат достоинствено и во духот на европските вредности. Кон оваа определба се придружувавме цел овој период. Реализиравме конкретни заеднички проекти, ги подобривме односите и го намаливме говорот на омраза. За жал, со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме. Оттука, целосно го разбирам и чувствувам гневот на граѓаните во изминатите денови“,
вели премиерот.
Понатаму, Ковачевски порачува дека треба да се продолжи на зајакнување на дијалогот и на унапредувањето на односите помеѓу двата народи за да се реши спорот ама, како што вели, ниту една од страните не смее да прави чекори назад.
„Не смееме да дозволиме постојано враќање кон минатото и потези кои значат еднодневна политичка корист, а долгорочна штета на кревките односи кои ги градиме. Република Северна Македонија ќе ги продолжи реформите во сите области со кои ќе ја подготвиме земјава за полноправно членство во Унијата. Тоа се процеси кои ги водиме за наше добро, за развој на нашата земја и подобри услови за граѓаните“,
вели Ковачевски.
Во видеообраќањето тој испраќа и порака дека нашата државата независноста ја стекна по Втората светска војна во која граѓаните учествуваа во антифашистичката народно ослободителна војна и оттука антифашистичката определба е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме во демократска Европа.
