Бугарскиот премиер Кирил Петков со делегација доаѓа во Битола по повод отворање на клуб во состав на културниот центар „Ванчо Михаилов“. По тој повод најавени се и повеќе протести во Битола. Градот денеска е под засилено полициско обезбедување
„Гоце=Македонија“, „Кога ќе признаете дека има Македонци во Бугарија?“, „Фашисти пресоблечени во администратори“, се дел од транспарентите кои жители на битолското село Кравари ги истакнале денеска по повод посетата на бугарска делегација во Битола, предводена од премиерот Кирил Петков.
Фотографиите од герила-акцијата се објавени на фејсбук страницата „Македонски Непокор“, а од МВР за „360 степени“ велат дека собирот бил мирен.
Петков денеска во Битола ќе отвори клуб кој ќе работи во состав на културниот центар „Ванчо Михаилов“, а по тој повод најавени се и повеќе протести. Поради тоа, Битола е под засилено полициско обезбедување.
Протест најавија и од Сојузот на борците од Битола, кои обвинија дека со отворање на клубот „Ванчо Михаилов“, се рехабилитира фашистичката идеологија. Тие реагираа и што владата толерира промоција на културен центар, кој, според нив, директно и индиректно ја помага рехабилитацијата на фашизмот и антимакедонизмот.
„Преку името на еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III, се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија, милитаризмот и антимакедонските политики од времето на Втората светска војна, се промовира историографски ревизионизам насочен кон негирање на Националноослободителната војна на македонскиот народ и нејзините придобивки во поглед на афирмација на македонскиот нациоинален индивидуалитет и македонската национална држава и се врши навреда на македонското национално достоинство“,
се вели меѓу другото во повикот на Сојузот на борците од Битола и граѓани поддржувачи.
Бугарскиот премиер придружуван од потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, ќе имаат и средба со бугарски здруженија на граѓани во земјава.

Во пресрет на посетата, Петков истакна дека во делегацијата што ја предводи, ќе има многу луѓе од различни партии што ќе дадат поддршка на бугарската заедница во Северна Македонија, и кои ќе потврдат дека, како што рече, Република Северна Македонија треба да биде дел од Европа и дека двете страни ќе се движат во таа насока.
По свеченоста во Битола, бугарскиот премиер Петков и министерката Генчовска заедно со своите домаќини, македонските министри за надворешни работи Бујар Османи и за транспорт и врски Благој Бочварски ќе го посетат и извршат увид на електро-енергетскиот проект „Битола 2“ кој е во рамки на Коридор-8 и е наменет за реализација на интерконекција меѓу Северна Македонија и Албанија.