Како што најави еврокомесарот Оливер Вархеји, мини-извештаите што денеска ги усвои и објави Европската комисија за Северна Македонија и за Албанија се фактографски и на само неколку страници. За земјава – на само шест. Дали ќе се исполни и вториот дел од изјавата на Вархеји од Прага – дека со ваков пристап земјите членки тешко ќе можат да им противречат на наодите во извештаите и потврдените препораки за почеток на преговори, ќе треба да се почека до заседанијата на Советот на Европската Унија кон крајот на март. Сепак, првиот тест за извештаите, особено за оној за Албанија, ќе биде многу порано – на 17 март, кога за ова прашање ќе дебатира Комисијата за европски прашања на холандскиот парламент, во присуство на шефот на холандската дипломатија Стеф Блок.
Хрватска, која е претседавач со Советот на ЕУ, ќе турка одлука за двете земји во пакет. Ова беше одговорот на шефот на хрватската дипломатија, Гордан Грлиќ Радман, на прашањето на „360 степени“ за време на неговата денешна посета на Скопје дали ваквите заклучоци на ЕК за двете земји ја олеснуваат работата на Советот на ЕУ кој има задача да постигне консензус меѓу, од една страна, оние членки што сакаат одлука „во пакет“ за Скопје и за Тирана, и од друга страна, оние што сметаат дека Албанија не е подготвена за преговори за членство.

„Постои едно добро, позитивно расположение при што, можеби дури и оние поскептични земји, за кои вие рековте дека постојат, мислам дека се движат во насока на позитивен став кога станува збор за прашањето за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија. Кога зборувате за Холандија, кога зборувате за Данска, треба да знаете дека ние не седиме со скрстени раце, туку активно работиме, делуваме директно и индиректно… Се среќаваме со министри, со премиери. Нашиот премиер Андреј Пленковиќ има големо влијание. Ние активно работиме на тоа и Северна Македонија и Албанија да ги почнат пристапните преговори со ЕУ“,
изјави хрватскиот министер Радман.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој му беше домаќин на хрватскиот колега, смета дека извештајот на Комисијата за Северна Македонија е реален и резултат на сработеното. Димитров зборува за првични позитивни сигнали од државите членки.

„На работно ниво информациите се дека земјите-членки ценат дека извештајот за Северна македонија е реален, дека укажува на работите што се направени и дека ги исполнуваме условите за почеток на преговори. На политичко ниво е премногу рано да се зборува“,
изјави Димитров.
Европската комисија, која стои зад извештаите, верува дека тие, заедно со ревидираната методологија, може да доведат до одлука за почеток на преговори со двете држави. Комесарот Вархеји, во писмената изјава зборува за одлука во март, што го потврди и портпаролката Ана Писонеро на денешната редовна прес-конференција во Брисел.

„Како што знаете, пред неколку недели ЕК ја предложи ревидираната методологија за пристапување. Се надевам дека овој предлог ќе биде прифатлив за двете страни, ќе ја земе предвид загриженоста на дел од земјите-членки и мислиме дека паралелно со овој предлог и со извештаите кои денеска ги презентиравме, а кои јасно покажуваат дека двете земји продолжија да покажуваат опиплив и одржлив напредок во клучните реформски области идентификувани од Советот на ЕУ, се надеваме дека тоа се добри основи за земјите-членки да донесат позитивни одлуки во наредните неколку недели, далеку пред Самитот во Загреб“,
изјави портпаролката на ЕК, Ана Писонеро.
Ова е оптимистичкото сценарио. Но, што ако државите членки на ЕУ повторно не успеат да постигнат консензус за почеток на преговори барем со една од двете земји кандидати.
„За оваа динамика со Албанија потребна е одлука на земјите-членки на ЕУ. Да седевме ние на масата ќе бевме за одлука за почеток на пристапни преговори со Албанија. Морам да кажам дека целосен неуспех ако нема ниту една позитивна одлука ќе значи колатерална штета за политиката на ЕУ кон регионот. Ако има нула успех во наредниот период, тоа ќе биде знак дека ЕУ ја затворила вратата“,
рече министерот Димитров.
Советот за општи работи на ЕУ, под хрватско претседателство, ќе заседава на 24 март, кога е првата можност за одлука. Два дена подоцна се состануваат лидерите на ЕУ во форматот на Европскиот совет – кога е втората можност за одлука, ако претходно нема консензус на министерско ниво.