Додека Фон дер Лајен беше во Украина, земјите-членки на ЕУ и официјално го потврдија усвојувањето на новиот пакет санкции кон Русија, кои вклучуваат замрзнување на средствата за 216 лица меѓу кои и ќерките на Путин

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која денеска беше во Украина, му вети на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека првите чекори на неговата земја кон членството во ЕУ ќе бидат забрзани.
Шефицата на ЕК на украинскиот претседател му го врачи прашалникот што е појдовна точка за ЕУ за одлуката што треба да ја донесе ЕУ за членството на Киев.
„Нема тоа да биде, како што е вообичаено, прашање на години за да се формира мислењето, туку мислам дека ќе биде прашање на недели“,
рече таа.
Зеленски, пак, кажа дека ќе се врати со одговорите за една недела.
Ова следува откако на почетокот на март годинава, Европскиот парламент (ЕП) препорача Украина да добие кандидатски статус за членство во ЕУ.
Претседателката на ЕК укажа и на важноста на санкциите против Русија поради инвазијата на Украина.
„Русија ќе потоне економски, финансиски и технолошки, додека Украина маршира кон европската иднина, јас го гледам тоа“,
рече фон дер Лајен.
Таа денеска беше во посета на Украина, каде покрај Киев, го посети и градот Буча каде беа откриени десетици тела по улиците и масовна гробница со цивилни жртви по повлекувањето на руските сили.
Додека Фон дер Лајен беше во Украина, земјите-членки на ЕУ и официјално го потврдија усвојувањето на новиот пакет санкции кон Русија.
Деталите кои беа објавени денеска покажуваат дека пакетот санкции вклучува замрзнување на средствата и забрана за патување за 216 лица, вклучувајќи ги и двете ќерки на претседателот Владимир Путин. Санкциите ги засегнаа и шефот на најголемата руска банка Сбербанка, Герман Греф, милијардерот Олег Дерипаска и портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков. Санкциите опфаќаат и 18 фирми, вклучително и пет од најголемите банки во Русија.
Понатаму, тие се однесуваат и на забрана за увоз на јаглен од Русија од август годинава, како и забрана за други стоки вклучително и дрво, вотка и хемиски производи, гориво за авиони и транспортна опрема.
Санкциите опфаќаат и забрана за впловување бродови под руско знаме во европските пристаништа. Исклучоци се предвидени за бродови што превезуваат земјоделски и прехранбени производи, хуманитарна помош и енергија.
Исто така, забраните се однесуваат и за сообраќај за руски и белоруски патни превозници кои нема да можат да превезуваат стока во рамките на ЕУ, дури и кога станува збор за транзит. Исклучоци се предвидени и за транспорт на фармацевтски, медицински, земјоделски и прехранбени производи.