Новинарката Ирена Каревска, која е дел од тимот на „360 степени“, ја освои годинешната награда за најдобра истражувачка сторија „Никола Младенов 2021“, која ја доделува Македонскиот институт за медиуми
„Темелно, посветено, професионално и етички доследно истражување“ – вака Комисијата за доделување на наградата за најдобра истражувачка сторија „Никола Младенов 2021“ ги оцени серијата прилози на „360 степени“ во кои го обелоденивме случајот со набавката на софтвер за автоматско казнување сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
Доделувајќи ѝ ја наградата на новинарката Ирена Каревска, Комисијата од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) посочува дека во серијалот од повеќе од 10 прилози се демонстрира темелно новинарско истражување.
„Комисијата констатира дека авторката Ирена Каревска многу темелно, посветено, професионално и етички доследно го истражува случајот што предизвика бурни реакции во јавноста, со оглед на тоа што се работи за висок функционер во власта и е прашање од висок јавен интерес. Преку серијал од 10 прилози, спакувани во модерен телевизиски продукт, авторката умешно го води читателот низ истражувачкиот процес во кој континуирано обелоденува нови, скандалозни и компромитирачки информации, со кои демонстрира темелно новинарско истражување поткрепено со факти, докази и изјави од релевантни извори и соговорници. Притоа користи едноставен, разбирлив и оригинален израз, но и храброст, одлучност и упорност во намерата случајот да добие институционална разрешница, што претставува важен критериум во оценката на квалитетот на сториите“,
смета Комисијата.
Каревска се заблагодари за наградата и рече дека за неа тоа е обврска да остане во оваа професија која, како што рече, за жал, не е така атрактивна кај нас. Рече дека многу новинари, особено младите, немаат услови и шанса за да ја работата својата работа и да се стремат да бидат она што по дефиниција се – чувари на демократијата. Изрази надеж за позитивни промени и на што повеќе новинарски стории кои ќе имаат разрешница и ќе направат промена.
Одлуките ги донесе Комисијата за доделување на новинарските награди во состав Јадранка Костова, главна уредничка на „Фокус“, Борис Грданоски – фоторепортер, Александар Манасиев новинар, Верица Јорданова, претседателка на Управниот одбор на МИМ и Билјана Петковска, директорка на МИМ.
Новинарката Катерина Топалова е добитничка на наградата за најдобар иновативен новинарски производ, а фоторепортерот Игор Бансколиев за фотографијата на тема „Херојот од Дељадровце“ објавена во дневниот весник „Нова Македонија“ е добитник на наградата за најдобра репортерска фотографија.
Комисијата одлучи да му додели пофалница за истакнат новинарски ангажман во категоријата најдобра истражувачка сторија на новинарот Влатко Стојановски. Комисијата изразува задоволство од квалитетот на пристигнатите трудови, особено во категоријата истражувачки стории. Одлуките на Комисијата се донесени едногласно, а членовите го истакнуваат квалитетот на неколку пријавени стории како на Гоце Трпковски, на Бојан Шашевски, Валентина Вурмо и Соња Колевска-Делевска.