Лидерот на СДСМ и доскорaшен премиер, Зоран Заев, вели дека го израдувала веста за денешниот извештај на Европската комисија (ЕК) во кој се констатира дека Северна Македонија ги забрзала реформите и треба да почне преговори со ЕУ. Но тој настапи со воздржана реторика околу добивањето датум за преговори, посочувајќи на најавите од ЕУ дека за тоа би се одлучувало најдоцна на Самитот во Загреб.
„Кога очекувам одлука? Не би си дозволил да коментирам. Тоа што го вети Европскиот совет беше не подоцна од мај пред Самитот за Западен Балкан во Загреб кој ќе се одржи мислам на 7 и 8 мај. Ние ќе чекаме кога тие ќе бидат готови да ја донесат одлуката. Се надевам ќе го израдуваат нашиот народ час поскоро, а ние продолжуваме да работиме“
изјави Заев на денешната прес-конференција.
Коментирајќи го извештајот, тој рече дека се потврдува оти народот, парламентот и Владата ги завршиле своите обврски. Заев смета дека извештајот потврдува оти земјава испратила сериозна порака дека продолжува по европскиот пат со носењето на Законот за јавно обвинителство, но и со останатите законски решенија за јавната администрација, Агенцијата за национална безбедност, ОТА, како и со посветената работа на Антикорупциската комисија.
„Ова целото како извештај денеска е верификувано од страна на Европската комисија и ќе биде проследен до земјите членки на ЕУ од каде што очекуваме Европскиот совет да носи позитивни одлуки. За мене е важно тоа што беше до нас да го завршиме и го завршивме. Тоа е потврдено и во јуни и во октомври, сега не само што е потврдено туку дополнително е верификувано и потврдено дека продолжуваме и покрај историската грешка што беше направена на октомврискиот самит. Затоа јас секогаш ја користам можноста да испратам порака и до европските граѓани и до нивните лидери и до ЕК, да го исполнат своето ветување. Ни ветија, на нашата земја и на нашиот народ. Време е да го исполнат своето ветување. Повторувам, ние не очекуваме веднаш членство, ние очекуваме после 15 години одлука за добивање датум за почеток на преговорите“,
рече Заев.