Со честите посети на Будимпешта во клучни периоди се покажува дека единствена цел на Мицкоски е да го одбрани криминалот на Никола Груевски, сметаат социјалдемократите
Очигледно е дека Христијан Мицкоски е заминат по нови насоки и задачи кај својот шеф и ментор Никола Груевски, реагираат од СДСМ откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ објави дека беше во Будимпешта, Унгарија, за да ја следи изборната ноќ од штабот на сестринската партија Фидес на старо-новиот унгарски премиер Виктор Орбан.
Според социјалдемократите, посетата на Будимпешта отвора сомнежи за судските процеси против Груевски при што социјалдемократите го споменуваат предметот „Плацови на Водно“ кој е во својата завршница.
„Посетата на Мицкоски на Унгарија отвора сериозни сомнежи и во врска со повеќе судски случаи кои се водат во земјава против Никола Груевски и поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Дали Груевски му ја кажа стратегијата на Мицкоски за одбраната во случајот ’Плацови на Водно‘? Во овој судски предмет, Груевски е обвинет за сторено кривично дело перење пари и противправно стекнување и прикривање имот. Со честите посети на Будимпешта во клучни периоди се покажува дека единствена цел на Мицкоски е да го одбрани криминалот на Никола Груевски“,
реагираат од СДСМ.
Според социјалдемократите, ВМРО-ДПМНЕ сè уште е партија раководена од Никола Груевски, партија која е единствена на браникот на криминалот на режимот.
