Владата јасно да каже за што се преговара со Бугарија, повика Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во гостување на телевизија Сител.
„Работните групи се однесуваат на сè освен на прашањата кои Бугарија ја интересираат, а тоа се националните прашања, овие т.н. 5+1, 4+2 итн. Да влезете во работна група, да се договарате за фудбал, затоа што тоа беше еден од договорите потпишан на ниво на спортот и младите, нема никаква потреба. Државата ја водат институциите, нема потреба ВМРО-ДПМНЕ да коментира нешто во делот на заштита на животна средина, на летот Скопје – Софија или за Агенција за млади и спорт за што потпишаа договори. Државата треба да ја водат институциите, а Владата е лицемерна затоа што не нè вклучи во преговорите што се однесуваат на клучните политички прашања. Бугарија нема проблем со македонскиот фудбалски клуб Вардар, Бугарија има сериозен проблем со македонскиот јазик, македонскиот идентитет, самостојноста на македонскиот народ“,
смета Андоновски.