Бројот на обиди за нелегален влез во нашата држава според МВР е стандарден
Состојбата на нашата јужна граница е непроменета. Полицијата е постојано присутна и подготвена, а граѓаните немаат причина за загриженост, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
„Состојбата на јужната граница е непроменета. Имаме стандардна бројка на обиди за нелегален влез во нашата држава. Граѓаните немаат причина за загриженост. МВР, односно нашата полиција е подготвена и постојано присутна на јужната граница. На нашите полициски службеници веќе неколку години им помагаат и полициски службеници од неколку пријателски држави и со заеднички сили се справуваме со сите нелегални обиди за влез“,
изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Алсат вчера објави видео на кое се гледаат неколкумина мигранти како се движат покрај автопатот во близина на граничниот премин Табановце, кои се поврзуваат со најновиот бран кој почна да го чувствува Грција по одлуката на Турција да им ги отвори границите кон европските земји.
Но, од МВР и вчера рекоа дека ситуацијата на државните граници е непроменета, а настаните во регионот постојано се следат. Притоа не се коментира конкретната снимка.