Американскиот државен секретар на Твитер објави пост во кој изразува честитки до Ковачевски за неговиот избор на премиерската функција и задоволство од поддршката што ја даваат на С Македонија како најнов НАТО сојузник и трансатлантски партнер
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва телефонски разговараше со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен, соопшти владината прес- служба.
Во соопштението се наведува дека Ковачевски за стратешкото партнерство со САД истакнал дека е од суштинско значење, кое е крунисано со поддршката на Вашингтон за нашето членство на НАТО кое е огромна привилегија и одговорност.

Исто така, Ковачевски ја осудил руската агресија во Украина како неиспровоцирана и како грубо кршење на меѓународното право, ја реафирмирал цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и ја поздравил брзата, обединета и решителна реакција на меѓународната заедница.
Од владината прес- служба соопштија дека за време на разговорот Ковачевски и Блинкен изразиле задоволство од усогласеноста и ефикасната координација на НАТО и ЕУ во санкционирањето на Русија, како и во организирањето на ефикасна поддршка за Украина кон која се приклучи и Северна Македонија.
„Премиерот Ковачевски ја изрази неговата благодарност до САД за поддршката за Северна Македонија во евроинтегративниот процес и го поздрави апелот на САД дека е потребно негово забрзување со отворање на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија. Ковачевски потенцираше дека нема време за губење и дека секое натамошното одложување може да има сериозни регионални последици и широко да ја отвори вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот“,
се вели во соопштението.
Во информацијата од владината прес- служба се наведува дека државниот секретар на САД Ентони Блинкен потврдил дека САД се фокусирани на поддршката за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан.
„Со силната поддршка на САД за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија Блинкен ја поздрави новата динамика на дијалогот со Бугарија и изрази надеж дека следува решение за прашањата меѓу двете земjи за време на француското претседателство со ЕУ. Државниот секретар на САД Ентони Блинкен потенцираше дека поддршката на Вашингтон доаѓа од целосната посветеност на Северна Македонија на вредностите на НАТО, кои земјата ги докажа и во поддршката за Украина којашто е целосно хармонизирана со сите сојузници во НАТО. Ентони Блинкен во телефонскиот разговор со премиерот Ковачевски потенцираше дека САД и Северна Македонија стратешкото партнерство го издигнаа на ниво на соработка која нè прави незаменливи сојузници во НАТО и во заедничките мисии на Алијансата“,
велат од Владата.
Истовремено, американскиот државен секретар на Твитер објави пост во кој изразува честитки до Ковачевски за неговиот избор на премиерската функција.
„Задоволство ми е да му честитам на новиот премиер на Северна Македонија Ковачевски и горди сме што го поддржуваме нашиот најнов НАТО сојузник и трансатлантски партнер“,
се вели во објавата која е по повод првиот телефонски разговор на Блинкен со Ковачевски од неговиот избор за премиер.
Pleased to congratulate North Macedonia’s new Prime Minister @DKovachevski and proud to support our newest @NATO Ally and Transatlantic partner.
— Secretary Antony Blinken (@SecBlinken) March 30, 2022