Коментирајќи го фактот дека преговорите во Истанбул траеле само еден ден, а не два како што е планирано, Песков рекол дека мировните делегации заминале во своите земји на понатамошно усогласување на ставовите
Москва не може да констатира некаков ветувачки напредок во преговорите меѓу Русија и Украина, претстои уште многу работа, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Прво, мојот колега (шефот на делегацијата Владимир Медински) денеска детално ќе ги објасни работите. Второ, позитивно е тоа што украинската страна почна барем конкретно да ги формулира работите и да го става на хартија она што го предлага. Досега не можевме да го постигнеме тоа. Ова е позитивен фактор“,
изјави Песков одговарајќи на прашање на руските новинари за преговорите меѓу Русија и Украина кои се водеа вчера во Истанбул.
Тој додаде и дека засега не може да констатира „ништо многу ветувачки и дека има уште многу, многу работа“.
Коментирајќи го фактот дека преговорите во Истанбул траеле само еден ден, а не два како што е планирано, Песков рекол дека мировните делегации заминале во своите земји на понатамошно усогласување на ставовите.
Претставник на Кремљ не сакал да ги коментира деталите од вчерашните преговори, меѓу кои влегува и списокот на земји кои Украина ги навела како гаранти за евентуален договор и решавање на прашањата за Крим и Донбас со невоени средства.
„По нашиот Устав, не можеме со никого да разговараме за судбината на територијата на Руската Федерација и судбината на руските региони, тоа е исклучено“,
рекол Песков.