Британската полиција соопшти оти работи на „значителна количина истражен материјал“ и дека повеќе луѓе подоцна би можеле да се соочат со парични казни, но најави оти лицата кои ќе бидат казнети нема да бидат идентификувани, иако британската Влада претходно истакна дека ќе соопшти дали меѓу нив е и премиерот Џонсон
Британската полиција соопшти оти казнила 20 лица поради забавите што ги одржуваше премиерот Борис Џонсон со неговиот персонал во неговата резиденција за време на карантинот поради коронавирусот, со што беа прекршени антиковид-правилата.
Британската полиција соопшти оти работи на „значителна количина истражен материјал“ и дека повеќе луѓе подоцна би можеле да се соочат со парични казни, но најави оти лицата кои ќе бидат казнети нема да бидат идентификувани, иако британската Влада претходно истакна дека ќе соопшти дали меѓу нив е и премиерот Џонсон.
„Денеска прво ќе започнеме со издавање 20 прекршочни казни поради прекршување на прописите за ковид-19“,
се наведува во соопштението на лондонската полиција.
Опомените во вид на парични казни се издаваат на оние лица за кои се смета дека ги прекршиле правилата за ковид-19, а казната за присуство на собир на повеќе од 15 лица изнесува 800 фунти.
Полициската акција првпат потврди дека службениците во седиштето на Владата ги прекршиле прописите што претходно беа донесени од британските власти, а во однос на превенција од ширење на ковид-19.
Полицијата истражува 12 собири одржани во „Даунинг стрит“ и британскиот кабинет во 2020 и 2021 година, откако внатрешна истрага покажа дека блиски соработници на Џонсон присуствувале на забави на кои се служел алкохол, а на некои од нив присуствувал и самиот британски премиер.
Противниците на британскиот премиер и некои членови на владејачката Конзервативна партија рекоа дека Џонсон треба да поднесе оставка ако му биде изречена казна за кршење на ковид-правилата што ги наметна на остатокот од земјата за време на пандемијата.