Со одлуката на Регулаторната комисија, се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,22 проценти во однос на одлуката од 25 месецов
Од полноќ цените на еуродизелот, бензините БС-95 и БС-98, поскапуваат за 1,5 денари за литар, а за три денари поскапува екстра лесното масло за домаќинства. За ова денеска одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
Па така, според новата одлука на РКЕ, новата малопродажна цена на литар еуросупер 95 изнесува 83,50 денари, а 85,5 денари на еуросупер 98. Литар еуродизел ќе се продава по цена од 87,50 денари, а екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 84 денари. Нагорна корекција за 1,140 денари има кај цената на мазутот и килограм ќе чини 57,347 денари.
Со одлуката на Регулаторната комисија, се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,22 проценти во однос на одлуката од 25 месецов.
„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 1,788 проценти или за 19,150 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за 2,412 проценти или за 28,700 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 2,184 проценти или за 24,450 $/тон, и кај мазутот зголемување во просек за околу 2,268 проценти или за 16,200 $/тон. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 56,0533 ден/$ и е за околу 0,133 проценти повисок од курсот на доларот (55,9790 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка“,
наведува РКЕ во образложение на Одлуката.