Запрашан за тоа како Москва би постапила доколку Европа одбие да го плати гасот во рубљи, Песков рече дека Русија нема да испорачува гас бесплатно
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела соопшти оти за испорака на рускиот гас во „непријателските земји“ ќе прифати единствено плаќање во рубљи, на што веднаш реагираа Австрија и Франција
Разработуваме модалитети за плаќање на рускиот гас во рубљи, но можеме со апсолутна сигурност да кажеме дека Русија дефинитивно нема да испорачува гас бесплатно, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Процесот на набавка е многу комплициран. Ова не е купување производ во продавница каде што купувате и плаќате на каса. Ова е испорака, плаќање, балансирање, ова е процес што трае“,
рече Песков, пренесе РИА новости.
Песков прецизира дека за ова прашање се разговара меѓу надлежните институции и „Газпром“, додавајќи дека наскоро ќе биде одредена и временска рамка.
Запрашан за тоа како Москва би постапила доколку Европа одбие да го плати гасот во рубљи, Песков рече дека Русија нема да испорачува гас бесплатно.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела соопшти оти за испорака на рускиот гас во „непријателските земји“ ќе прифати единствено плаќање во рубљи откако Москва беше погодена од строги санкции поради нејзината инвазија на Украина.
На ова реагираа од Виена и Париз.
Австриската групација за нафта и гас ОМВ ќе продолжи да го плаќа рускиот гас во евра, а не во рубљи, изјави извршниот директор Алфред Стајн.
„Ова е основата на нашиот договор, не смеам да постапувам поинаку“,
изјави шефот на австриската компанија во интервју за телевизијата Пулс 24.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нема причина да се прифати барањето на Русија за рускиот гас да се плаќа во рубљи како што најави рускиот претседател Владимир Путин.
САД и ЕУ потпишаа нов договор за испорака на американски гас за европските земји, со што западните сојузници ќе се обидат да стават крај на зависноста на Европа од руската енергија.
Новиот договор беше на вториот ден од самитот на лидерите на ЕУ во чиј фокус е руската инвазија на Украина поради која ѝ беа наметнати санкции на Русија што, пак, си го зема својот данок – енергетска криза во Европа.
„Се здружуваме за да ја намалиме зависноста на Европа од рускиот гас. Не треба да го субвенционираме бруталниот напад на Путин врз Украина“,
порача американскиот претседател во петокот во Брисел на заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.