На прашањето дали бил изненаден од тоа што Антикорупциската комисија го прозва во однос на неговото патување и присуство на фудбалскиот натпревар во Палермо, министерот вели оти бил шокиран и додаде дека ниедна законска ниту етичка норма не е прекршена со неговото патување во Италија

Трошоците за патувањето во Палермо ги платив самиот, од мојата трансакциска сметка, изјави денеска министерот за правда Никола Тупанчески во емисијата „Утрински брифинг“, запрашан со чии средства отпатувал во Палермо каде што го следеше натпреварот на македонската репрезентација против Италија.
Тој посочи оти по однос на ова прашање се важни две компоненти. Едната компонента, како што истакна, е дали патувал службено за Палермо и втората компонента е и кој ги покрил трошоците.
„Одговорот на првото прашање е не, јас не патував службено. Не патував во рамки на моите службени должности. Втората компонента за тоа кој ги плати трошоците. Трошоците ги платив јас, од моја трансакциска сметка“,
истакна министерот за правда Тупанчески во емисијата „Утрински брифинг“.
На прашањето дали бил изненаден од тоа што Антикорупциската комисија го прозва во однос на неговото патување и присуство во Палермо на фудбалскиот натпревар, министерот вели оти бил шокиран.
„Не бев изненаден, мора да направиме градација, шокиран бев. Зошто го велам ова? Затоа што јас имам коректен однос со многу луѓе тука во Македонија и како професор. И очекував дека барем ќе биде слушната и другата страна. За да се стигне до вистината, треба да се чуе и другата страна“,
додаде Тупанчески.
Тој посочи дека ниедна законска ниту етичка норма не е прекршена со неговото патување во Италија на фудбалскиот натпревар и додаде оти Владата има свој етички кодекс во кој, меѓу другото, се дефинираат патувањата на службените односно именуваните лица.
„Таму има четири сегменти што се многу важни да не дојде до етичко постапување или однесување на носителот на јавната функција. Една од точките е дали се патува со државни, односно буџетски средства. Одговорот е не. Втората ставка е дали се користи обезбедување? Не. Дали се користи службено возило? Не. И дали дипломатската патна исправа се користи за некакви привилегии? На четирите прашања одговорот е не, апсолутно е не“,
истакна Тупанчески и додаде дека е кристално чисто оти неговото патување во Палермо е единствено за давање поддршка кон македонската фудбалска репрезентација.
Запрашан дали планира да оди и на утрешниот натпревар во Португалија каде што македонската фудбалска репрезентација ќе го игра финалниот меч од баражот за пласман на Светското првенство, Тупанчески истакна дека нема да оди.
„За Португалија нема да одам оти заменик-министерот нема да биде тука, па не е во ред Министерството да остане така“,
вели Тупанчески.
Министерот за правда Никола Тупанчески, вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и претседателот на Основниот суд Кавадарци, Лазар Нанев, беа во ложата на стадионот Палермо, каде што Македонија ја победи Италија во полуфиналето за пласман на Светското првенство во фудбал, по што претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, во изјава за медиуми истакна оти тие самите треба да си кажат кој им ги платил трошоците за следење на натпреварот на македонската фудбалска репрезентација против Италија.
„Доколку службените лица не патувале во рамки на своите службени должности, сами нека си објават кој им ги подмирил трошоците за патување“,
истакна Ивановска.