Тимот на Обединетите нации во Украина досега евидентирал 1 035 убиени цивили во текот на руската воена инвазија
Шефицата на тимот на Обединетите нации (ОН) во Украина, Матилда Богнер, денеска изјави дека тие добиваат сè повеќе информации за масовни гробници во опколениот град Мариупол, вклучувајќи една со 200 тела, пишува Би-би-си.
„Добиваме сè повеќе информации за масовни гробници во Мариупол“,
рече Богнер за новинарите, додавајќи дека тоа го покажале сателитските снимки.
Канцеларијата на ОН во Украина, во која има 50 луѓе, од почетокот на руската инвазија на 24 февруари па досега евидентирала 1 035 убиени цивили.
„Податоците за цивилни жртви и напади на цивилни објекти се јасен доказ за кршење на начелата за забрана на неселективни напади“,
истакна Богнер.
Нејзиниот тим истражува наводи за кршење на човековите права, како што е пукање по автомобилите со кои цивилите бегаат од воените жаришта, исчезнувања на украински функционери и новинари, како и присилно преселување цивили на териториите под контрола на Русите.
Руските агенции, пак, пренесуваат дека од Мариупол во Русија со автобуси се пренесени неколку стотици цивили кои Москва ги нарекува бегалци.
Богнер рекла и дека нејзиниот тим располага со информации дека и украинските сили неселективно го гранатирале Донецк на исток во земјата, односно дека убиле двајца цивили поради тоа што наводно тие ја поддржувале Русија.