Договорот, кој треба да се реализира во наредните десетина дена, е постигнат на денешната средба во Белград на македонскиот министер за земјоделство со српскиот колега Бранислав Недимовиќ
Србија ќе ја тргне забраната за извоз на пченица, пченка, брашно, масло за јадење за С Македонија, објави министерот за земјоделство Љупчо Николовски по денешната средба во Белград со својот српски колега Бранислав Недимовиќ.
Николовски напиша на Фејсбук дека благодарение на соработката во рамки на „Отворен Балкан“ е договорено во следните десетина дена Србија да ја тргне забраната за нашата земја да почне испораката на договорените количини.
„Го завршив состанокот со потпретседателот на Владата на Србија, Бранислав Недимовиќ. Благодарение на довербата и соработката што ги обезбедува ‘Отворен Балкан’, договоривме во следните од 7 до 10 дена Србија за Северна Македонија да ја тргне забраната за извоз на пченица, пченка, брашно, масло за јадење, и да почне испораката за количините што се договорени помеѓу сите економски партнери од двете земји“,
соопшти Николовски.
Тој дополни дека со ова е овозможено договорите на нашите компании од сите стопански комори да бидат реализирани.
„Граѓаните, пак, да бидат спокојни. Нашата држава ќе има доволно количини од овие стратешки култури. Во време на светска криза, иницијативата ’Отворен Балкан’ ни овозможува партнерство со Република Србија“,
напиша Николовски.
На 10 март, во Србија стапи на сила забрана за извоз на пченица пченка, нафта и јаглен. Српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи ги нарушувањата на пазарот поради кризата предизвикана од руската агресија врз Украина, изјави дека запира извозот на овие продукти за да има доволно за домашните потреби и за регионот. Во меѓувреме, на листата на забранети производи за извоз беше додадено и рафинираното сончогледово масло за јадење.
Претходно, Вучиќ најави дека Србија, на барање на Северна Македонија, ќе испорача 50 000 тони пченица и 25 000 тони пченка. Оваа најава поттикна сомневања дека во стоковите резерви нема доволни количества на пченица, по што Николовски смируваше дека „споменатите количини се во годишните планови на стопанските субјекти, кои им се планирани да ги увезат до почеток на жетва со цел како и секоја година да бидат покриени потребите на домашниот пазар и работата на млиновите, пекарите и други субјекти, не за потребите на државата или стоковите резерви“.
Во петокот, македонската Влада ја продолжи забраната за извоз на одделни житарки и сончогледово масло продолжена до 15 април 2022 година. Претходно, беше предвидено оваа забрана да трае до 20 март, со цел да се оневозможи извоз на овие производи со забрзана динамика, а на штета на домашниот пазар.