Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека Кина во изминатите 24 часа пријавила помал број нови случаи на заразени со коронавирус отколку во претходниот месец.
На редовната прес-конференција во Женева, посветена на коронавирусот, тој кажа дека Кина во последните 24 часа пријавила 329 нови случаи, со што вкупниот број на заболени во земјата достигна 78.959.
Според податоците на веб-страницата на СЗО, во Кина од коронавирусот досега починаа 2.791 лица.
Надвор од Кина досега се регистрирани 4.351 случај на новиот вирус и тоа во 49 земји, а починати се 67 лица.
За 24-те нови случаи на коронавирус заклучено е дека биле пренесени од Италија во 14 други земји, додека 97 случаи биле пренесени од Иран во 11 земји од светот.
Тој додаде дека зголемиот број на новозаболени и на земји погодени од новиот вирус е причина за сериозна загриженост.
„Засега се уште нема докази за слободно ширење на вирусот внатре во заедниците. Се додека е таков случајот и натаму имаме шанса да го запреме неговото ширење со преземање на значајни мерки за рано откривање, изолација, згрижување на пациентите и следење на нивните контакти“, рече Тедрос.
Тој, меѓутоа, предупреди дека во моментов најголем непријател не е самиот вирус, туку стравот, гласините и стигматизацијата.