Шефовите на дипломатиите на ЕУ го „отворија“ европското досие на С Македонија на работниот појадок што го организираше грчкиот министер Дендиас, а кој беше можност и за блиц-средба на Османи со неговата бугарска колешка, која в среда треба да допатува во земјава
Шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, се видоа денеска во Брисел, каде што седеа на иста маса на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија. Појадокот, кој се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ, беше организиран под покровителство на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, а беше посветен на европското досие на Северна Македонија.

На фотографиите од настанот може да се забележи како Османи се ракува со Генчовска – чин што ќе го повторат и оваа недела во Скопје, каде што се очекува да продолжат разговорите за надминување на билатералниот спор со Софија.
Минатата седмица, Османи најави дека Генчовска, на 23 март (среда) ќе допатува во дводневна посета на Скопје.
Во таа пригода, Османи истакна дека разлики се уште постојат, но исто така дека се прават обиди да се дојде до прифатливи решенија за двете страни.
„Се уште сме на различни позиции, но фактот што се сретнуваме толку често е предуслов да може да се успее. Ние сме унисони и функционираме во рамки на Резолуцијата на нашиот парламентот. Се разбира и во Бугарија ги имаат своите ставови, но гледам волја во двете страни да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Веројатно ќе има понатаму и средба на највисоко политичко ниво. Битно е континуирано да разговараме отворено. Тоа што го имаме сега е дека разговараме отворено, секој претставувајќи ги своите позиции. Не можам да навлезам во детали во оваа фаза“,
истакна Османи.
Премиерот на Бугарија, Кирил Петков, во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ повторно изрази поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, но додаде дека е потребно прво да се решат одредени прашања, како што е почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија, со гаранции во Уставот, јави МИА од Атина.
„Ние сме за европската перспектива на Северна Македонија, како и на Албанија. Но, постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Северна Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред“,
рече бугарскиот премиер.
Од МНР соопштија дека во дискусијата на работниот појадок во Брисел преовладувало мислење дека одлуката за одржување на првите меѓувладини конференции и за почнување на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, за време на француското претседателство со ЕУ, би била правилна и правична работа со многу позитивни ефекти за целиот регион.
На таа линија е и ставот на високиот комесар на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жосеп Борел, кој минатата седмица беше во прва посета на Скопје, во рамки на неговата обиколка на регионот.
„Не можам да ветам, но можам да ве уверам дека правиме сè што можеме тоа да биде што побрзо. Се надевам дека дотогаш ќе се разрешат билатералните прашања, кои веќе не смеат да го загрозуваат овој процес, за која и земја кандидат да станува збор. Постојано проценуваме дека земјата е подготвена да почнеме преговори и тоа не е чиста реторика, туку изјави за намера“,
рече Борел, кој во неколку наврати изрази благодарност за усогласеноста на Скопје со политиките и санкциите на ЕУ кон Русија, нагласувајќи дека тоа претставува морален избор на идните членки на Унијата.