Во Собранието, во меѓувреме, се создадоа услови за деблокада на постапката за предлагање и избор на четворица нов членови на Уставниот суд, која повеќе месеци беше закочена
Државниот обвинител Љубомир Јовески повторно изјави дека би прифатил да биде уставен судија, со оглед на сега веќе четири испразнети места во овој суд.
Во интервју за Телма, Јовески вели дека не знае дали собраниската Комисија за избори и именувања ќе го предложи за уставен судија и дали Собранието ќе го избере. Ама, како што посочува, доколку се случи тоа, тој би ја прифатил функцијата.
„И порано кажав дека, ако Собранието смета дека јас со своето искуство би можел да придонесам во работата на Уставниот суд, би го прифатил предизвикот. Навистина за секој правник е задоволство да ја заврши кариерата како судија во Уставниот суд. Но не знам дали Комисијата ќе ме предложи и дали Собранието ќе ме избере. Ако ме изберат, јас ќе ја прифатам функцијата“,
рече Јовески.
Во четвртокот се комплети обвинителската постава во „организиран криминал“, по што шефицата на ова обвинителство, Вилма Русковска, во интервју за „360 степени“ изјави дека не исклучува можност да се пријави на конкурсот за избор на нов државен обвинител, ако Јовески биде избран за судија на Уставниот суд.
Мандатот на Русковска на шефовското место во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција истекува во ноември оваа година, а според Законот за јавно обвинителство, новиот шеф на оваа институција ќе се бира на непосредни избори. Русковска повеќепати досега изјавуваше, а тоа го потврди и во ова интервју, дека нема намера да се кандидира на тие избори.
Уште летоска, Јовески најави дека би прифатил да биде уставен судија, но во изминатите повеќе од осум месеции не мрдна од мртва точка постапката за избор на нови уставни судии, главно, поради блокадите во собраниската Комисија за избори и именувања.
Парламентот неодамна успеа да ја комплетира Комисијата за избори и именувања, со избор на нови претседателка и член од СДСМ, така што се очекува ова собраниско тело во скоро време да ја почне постапката за предлагање кандидати за уставни судии.
Јовески (68) дојде на чело на Републичкото јавно обвинителство кон крајот на 2017 година, по разрешувањето на Марко Зврлевски и неколку месеци по конституирањето на новото парламентарно мнозинство, предводено од СДСМ и од ДУИ. Според тоа, неговиот мандат трае до крајот на 2023 година, иако веќе ги исполнува и условите за старосна пензија
Според член 109 од Уставот, судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници, додека членот 111 предвидува дека оваа функција е неспојлива со вршење друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија. Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.
Државниот јавен обвинител, исто така, го избира Собранието со апсолутно мнозинство, но на предлог на Владата.