Докторот од Универзитетската Клиника за Инфективни болести и фебрилни состојби, Илир Демири, во дебата на „360 Степени“, зборуваше за состојбата на клиниката овие денови, кога таму се лекува првата пациентка во С. Македонија заразена од коронавирусот.
„Ние сме ентузијасти дека сме надминале и други епидемии, има искусни лекари… самата институција е така изградена за да може да се создаваат услови за изолација, место за паника нема, само што е зголемена грижата во делот на облеката и личната хигиена. Нема простор за притисок. Сите сме свесни, зрели сме, знаеме да се чуваме подобро од секој извор на инфекции“,
вели Демири.
Демири кажа дека имал контакти со пациентката, но и дека покрај неа постојано има некој.
„Од тоа што немаме искуство со ваква категорија пациенти или ваква нова инфекција во целиот свет, сме поставиле повисок степен на алармирање. Пациентката постојано покрај себе има медицинска сестра и лекар кој постојано е со пациентката. Постојано. 24 часа. Малку е товар за медицинскиот персонал во Клиниката за инфективни болести, но сепак треба да ја минимизираме можноста за грешки“,
рече Демири.
Ќе го потврдите ли тоа што министерот Филипче денеска го кажа, дека можеби веќе може да се зборува за фаза во којашто нејзината состојба се подобрува?
„Како клиничар велам дека некој е здрав само кога ќе го пуштиме дома, во секојдневниот живот јас на пациентите секогаш им велам, не се фали дека си добро, добро ќе бидеш кога ќе одиш дома“,
рече Демири.
Но, е во стабилна состојба?
„Би биле среќни да ја одржуваме оваа состојба и да чекаме подобрување во иднина“,
рече Демири.