Работата на оваа Комисија беше закочена откако се модифицираше мнозинството во Собранието по одлуката на Беса да премине во опозиција. Иако опозициските партии се спротивставуваа, новото мнозинство пред десетина дена успеа да го разреши Зендели со образложение дека како дел од опозицијата тој не треба да го зазема местото кое ѝ припаѓа на владејачката коалиција
Собранието денеска во рамки на 66-седница ја избра Марија Георгиевска пратеник од СДСМ за претседателка на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, додека за нов член е избран и нејзиниот сопартиец Дарко Каевски. Пратениците изгласаа и двајца заменици-членови, Хусни Исмаили од Алтернатива и Елми Азири од Алијанса за Албанците.
Изборот на нова претседателка следува откако претходниот претседател, Костадин Костадинов, стана градоначалник на Струмица и го напушти Собранието. Каевски, пак, доаѓа на местото на Фадил Зендели од Беса, кој беше разрешен од член.
Работата на оваа Комисија беше закочена откако се модифицираше мнозинството во Собранието по одлуката на Беса да премине во опозиција. Иако опозициските партии се спротивставуваа, новото мнозинство пред десетина дена успеа да го разреши Зендели со образложение дека како дел од опозицијата тој не треба да го зазема местото кое ѝ припаѓа на владејачката коалиција.
„Врз основа на бројот на пратениците во составот на оваа Комисија СДСМ и Коалицијата учествува со пет пратеници, ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата со пет, ДУИ со два, и Алијанса за Албанците со еден пратеник, со што, како што се нагласува е пополнет составот на Комисијата“,
пишува во образложените на донесената одлука за избор за нови членови.
Пред гласањето на одлуката за збор се јави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој уште еднаш го посочи партискиот став дека одлуката се носи спротивно од собранискиот Деловник.
Оваа пленарна седница во Собранието почна вчера, но, поради немање кворум дневниот ред не беше усвоен, поради што продолжи денеска.
Едно од главните прашања кои беа закочени со нефункционалноста на Комисијата за прашања за изборите и именувањата беа и изборот на нови уставни судии. Со изборот на нови членови сега се отвора можност конечно да бидат предложени судии за четирите испразнети места, а потоа и избрани.