Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, на јавната седница во Апелацискиот суд Скопје, каде што бара укинување на притворот, со остри зборови ја нападна обвинителката Вилма Русковска нарекувајќи ја адвокат на две мафии. Кои се двете мафии, рече, нема да ги каже, туку тоа ќе се открие понатаму.
„Вилма Русковска не ја сметам за надлежен јавен обвинител, туку за адвокат на две мафии во Македонија“,
рече Боки.
Во првиот наврат судијата го прекина и му рече да се за задржи на предметот на неговата жалба. Вторпат Јовановски ја нарече Русковска со истите зборови кога повторно зборуваше за уцените. Тврди, бил уценет да каже дека Катица Јанева е виновна во првиот случај „Рекет“, а Фросина Ременски е виновна во предметот со „Меѓународниот сојуз“ и дека земала пари.
„Ми беше речено со реченицата дека сакала да ја бетонира Фросина Ременски поради тоа што е пратеник, немала доволно докази, па јас тоа да го потврдам“,
рече Боки.
Тој додаде дека ако не го каже тоа уцената била дека ќе биде обвинет неговиот татко Миле Јовановски во постапка, со која, според него, тој нема никаква врска, како и неговата асистентката Христина Блажевска. Инаку, и татко му и асистенката се обвинети во предметот „Рекет 2“ кој се однесува на работата на невладината организација „Меѓународен сојуз“.
Тој побара Апелација да му го укине притворот, за што даде и гаранција од 143 000 евра, во која спаѓаат куќа на негов прв братучед проценета на 102 000 евра и локал во истата куќа во сопственост на неговата мајка вреден околу 40 000 евра.
На тројцата судии во советот во Апелацискиот суд, Боки им порача дека се надева оти нема да се плашат од невкусниот речник на Русковска, алудирајќи на пораката што обвинителката им ја прати на судии од овој суд кога Катица Јанева беше пуштена во домашен притвор, а во која им напиша дека „ќе ги истресе од гаќи“.
„Мене, покрај менталниот склоп, да се дадам во бегство не ми дозволува ниту здравствената состојбата во која се наоѓам. Не ме плашат ниту доказите, ниту казната што ми се заканува за да се дадам во бегство, зашто јас се чувствувам целосно невин и обесправен“,
рече Боки.
Тој претходно во излагањето ги оспоруваше причините поради кои му е продолжен притворот од првостепениот суд, па кога зборуваше дека постоела опасноста од бегство бидејќи нема свое потесно семејство, ги спомена и високи политичари кои избегале.
„Моја лична определба е дали јас ќе засновам свое потесно семејство. Воедно, кога ќе ја прочитам таа реченица во решение за притвор, тоа е директна дискриминација поради тоа што никој не може да одлучи дали јас ќе имам потесно семејство или не, а тука можам да наведам дека има многу други, меѓу кои и високи политичари, кои засновале потесно семејство и имаат синови и ќерки, па избегале“,
рече Боки.
Уште еднаш тој ги спомена Русковска и нејзината изјава дека Боки треба да биде во притвор, меѓу другото, и затоа што на денот на апсење не бил најден во библиотека туку на граница во обид за бегство.
„Тоа е ноторна лага“,
рече Боки потенцирајќи дека тогаш тргнал на седумдневен одмор во Грција.
Пред судиите, а потоа и пред новинарите, презентираше копии од повратните авионски карти кои ги резервирале тој и неговите пријатели, меѓу кои Лила Стојановска, Сергеј Варошлија и Анета Кочишки.
Во однос на тоа што не е вработен, Боки потенцираше дека бил прокурист на 1ТВ, како и дека е сопственик на 16 трговски марки регистрирани во Заводот за индустриска сопственост.
Тој повторно се повика и на здравствената состојба за која рече дека веќе му е срам да зборува бидејќи станало како шпанска серија, но оти мора да има хигиенско-диететски режим кој не може да се спроведе во затворот во Шутка.
На седницата во Апелацискиот суд Скопје беше присутен и обвинител од Вишото јавно обвинителство кој кратко образложи дека се противат на укинување на притворот и оти сметаат дека жалбата на Јовановски треба да се отфрли како неоснована.
*Поврзана вест