Маските во затворено стануваат препорака, а останува изолацијата за заразените
Српскиот Кризен штаб за борба против коронавирусот донесе одлука за укинување на ковид-сертификатите од сабота, соопшти министерката за труд и социјлани прашања Дарија Кисиќ Тепавчевиќ.
Ковид-пропусниците беа воведени на 23 октомври минатата година и прво важеа по 22 часот, но со зголемувањето на бројот на новозаразени, нивната важност беше продолжена, па се применуваа од 20 часот.
Кисиќ Тепавчевиќ изјави дека делта-сојот на коронавирусот „повеќе не е регистриран во Србија“, а во моментот кога била донесена одлуката за воведување на ковид-пропусниците тој бил доминантен и тие биле ефективни за негово сузбивање.
Како што кажа Кисиќ Тепавчевиќ, се задржува препораката за носење маски во затворени простории, а се укинува ограничувањето на бројот на луѓе во затворени простории.
„Кога станува збор за изолација на пациентите, таа се уште е во сила, бидејќи тоа е основната антиепидемиска мерка, која опфаќа изолација од седум дена, доколку е потребно и подолго“, изјави таа за медиумите по седницата на Кризниот штаб.
Укинат е и карантинот за лицата кои биле во контакт со заразени лица.
Се препорачуваат дополнителни, четврта засилувачка доза на вакцината за оние над 18 години, пет месеци по третата доза, а прифатена е препораката за воведување на засилувачка доза и за деца од 12-18 години, најмалку пет месеци по примањето на втората доза.
Денеска од тестирани 15 333 лица, има 2 139 заразени и 21 починат.