Ваквата порака од МНР ја испраќаат откако изминатите денови украинската амбасада во земјава упатуваше апел до македонските граѓани кои имаат желба да ѝ се приклучат на Меѓународната легија, новоформираната воена формација за територијална одбрана на Украина
Ја разбираме сложената состојба во која се наоѓа Украина, но ги потсетуваме граѓаните на Северна Македонија дека учеството во која било странска војска е кривично дело.
Ваква порака попладнево до јавноста упати Министерството за надворешни работи (МНР).
„Како земја пријател на Украина, имаме разбирање за сложената состојба во која се наоѓа Украина и која ги става во посебна состојба украинските власти да повикуваат за секаков вид помош, во сите пријателски земји, вклучувајќи и придружба и/или доброволци кои би се приклучиле на украинската армија во одбраната од воената закана која доаѓа од руските воени сили. Сепак, Министерството за надворешни работи ги потсетува граѓаните на Северна Македонија дека учеството во која било странска војска, со законските прописи, поточно со Кривичниот законик на земјава, е кривично дело“,
порачува МНР.
Оттаму потсетуваат дека Северна Македонија претходно во целост ја осуди воената агресија на Русија врз Украина и тоа земјава, велат од МНР, го демонстрира и во ОН, НАТО, ОБСЕ и на сите други билатерални и мултилатерални форуми.
Ваквата порака од МНР ја испраќаат откако изминатите денови украинската амбасада во земјава упатуваше апел до македонските граѓани кои имаат желба да ѝ се приклучат на Меѓународната легија, новоформираната воена формација за територијална одбрана на Украина.