По денешното сведочење на разузнавачот Синиша Алексовски и на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков во „Монструм“, адвокатот Насер Рауфи кој е дел од одбраната смета дека досега не се докажало дека во случајот мотив за убиството бил радикален ислам, како што пишува во обвинението во кое кривичното дело е квалификувано како тероризам.
„Сметам дека воопшто не е во прашање мотив радикален ислам, тоа може да се утврди од извештаите што сведокот Алексовски денеска ги спомена кои се класифицирани, а за кои ние ќе побараме декласификација. Од нив сметаме дека ќе произлезе дека и странските контраразузнавачки служби утврдиле дека не е во прашање никаков радикален ислам туку се работи едноставно за петкратно убиство. Ова укажува дека од почеток е сосема погрешена истрагата и дека од почеток е направена монтажа со осомничени луѓе за кои сметале дека биле припадници на Ал Каеда и војувале во Авганистан“,
изјави Рауфи по рочиштето.
Тој вели дека изјавата на Гордана Јанкулоска, која беше министерка во 2012 година кога се случи масакрот кај Смилковско Езеро, во која вели дека во прашање е радикален ислам, е само нејзина измислица.
„Се покажа дека тоа била паушална изјава на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и дека никој од УБК, БЈБ и од Агенцијата за разузнавање на претседателот не дал такви информации дека станува збор за радикален ислам. Просто кажано, тоа е измислица на самата министерка за внатрешни зашто немало никакви сигнали дека станува збор за таков мотив“,
вели Рауфи.
Изјавата на Јанкулоска по трагичниот настан во 2012 година беше спомената во судница од страна на судијата Огнен Ставрев кој го праша сведокот Алексовски дали откако тогашната министерка излегла со изјава дека станува збор за радикален ислам, тоа било знак за претседателот Ѓорге Иванов да свика седница на Советот за национална безбедност. Алексовски одговори дека немало официјален состанок на Советот, но дека неформална комуникација и координација за случајот имало.
Затоа, пак, адвокатката на семејствата на жртвите Дафинка Ивановска смета дека констатацијата на одбраната е извадена од контекст.
„Прашањето беше поставено во сосема друг контекст и не треба да се злоупотребува“,
рече адвокатката.
Според неа, досегашните нови сведоци во „Монструм“, меѓу кои и денешните двајца, не откриле ништо ново за случајот.
„Сметам дека од досегашните сведочења, како и од овие девет денеска, нема да се измени текот на случајот, нема ништо ново, нема нови околности. Денеска првиот сведок (Сашо Мијалков) не се сеќаваше на ништо, со голема разлика од вториот (Синиша Алексовски) кој кажа сè стручно. Меѓутоа сè се врти во круг со она што е во пресудата и во обвинението“,
изјави Ивановска.