Утре во 17 часот во Владата ќе има средба на Економскиот совет во поширок состав
Во текот на наредните денови ќе биде објавен пакет-мерки за надминување на актуелната состојба во економијата, најави вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими.
„Сите можни интервенции за спречување на ценовните шокови се разгледуваат на Влада. Од премиерот е испратена официјална покана и утре во 17 часот во Владата ќе има средба на Економскиот совет во поширок состав. На средбата покрај министрите од економските ресори ќе присуствуваат и надворешни експерти од земјава. Тие ќе дадат свој придонес во однос на согледувањето на актуелните состојби во економијата и кои би биле евентуално можни предлози и идеи за натамошни решенија“,
рече Бесими за ТВ Сител.
Министерот за финансии нагласи дека сега е веќе извесно дека руско-украинската криза нема да трае кратко и оти нема да заврши во наредните денови, поради што се бараат алтернативни чекори за снабдувањето со руски гас, а и стопанствениците сами бараат начини во однос на другите производи што се увезуваат од таму.